X
 19.03.2026 Живот

Владата на Малта им нуди 25.000 евра на младите - единствениот услов е да не возат 5 години

Владата на Малта има необична понуда за младите возачи кои се подготвени привремено да се откажат од возењето. Имено, нуди 25.000 евра за оние што ќе се откажат од возачката дозвола во период од пет години.

Целта на оваа државна програма е да се намали сè поголемиот број на автомобили на патиштата и да се ублажат сообраќајните метежи.

Министерот за транспорт Крис Бонет засега одбива да објави податоци за тоа колку млади возачи се пријавиле во програмата. Тој само изјави дека вредноста на пристигнатите апликации надминала 50 отсто од вкупниот буџет предвиден за програмата, без да изнесе конкретни бројки.

- Интересот е голем. Во моментов проверуваме голем број апликации и, штом ќе имаме резултати, ќе ги објавиме - изјави тој.

Детали за програмата

Програмата предвидува дека возачи на возраст од 18 до 30 години можат доброволно да се откажат од возачката дозвола на пет години. За возврат, од државата би добивале поддршка од 5.000 евра годишно, односно вкупно 25.000 евра во текот на пет години.

Според податоците објавени на страницата на малтешката агенција за транспорт, годишниот буџет на програмата изнесува 5 милиони евра, што е доволно за финансирање до 1.000 кандидати.

Повторно во автошкола

По истекот на овој период, можно е повторно да се побара возачка дозвола, но под услов кандидатот да заврши најмалку 15 часа возење во овластена автошкола.

Постои и дополнителен услов: ако некој одлучи повторно да вози пред истекот на петте години, ќе мора да ги врати сите добиени средства.

Пријавувањето за учество во програмата е отворено до крајот на јуни.

Извор: Index.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот