Иако, со оглед на постигнувањата во развојот на медицината, биологијата, анатомијата и сродните природни науки, би можело да се помисли дека веќе знаеме сè за човечкото тело, научниците повторно докажуваат дека не е така.
Така, научниците дури во 2017 година меѓу органите го вклучија мезентериумот - структура во дигестивниот систем што била позната и порано.
Година подоцна австралискиот невронаучник Џорџ Паксиноз идентификувал нов нервен центар во човечкиот мозок, кој не постои кај мајмуните, иако сè уште се води дебата дали станува збор само за анатомска структура или за физиолошки орган.
Неодамна, истражувачки тим од Универзитетот во Вирџинија открил сосема нов дел од човечкото тело.
Не станува збор за нова коска или за нешто големо и опипливо. Ова откритие може да се забележи само под електронски микроскоп, бидејќи е помало и од митохондријата, еден од најмалите делови во нашите (и животинските) клетки.
Новата органела (така се нарекуваат структурите во клетките што имаат сопствени функции, слично на органите во телото) го добила името хемифусом. Таа била забележана за време на проучувањето на филаментите - ситни структури што ѝ помагаат на клетката да го задржи обликот и делуваат како „носечки столбови“.
Хемифусомот првпат бил забележан на микроскопски снимки, каде што постојано се појавувала форма налик на „Снешко со марама“, со помала „глава“ и поголемо „тело“ разделени со „марама“, односно тенка мембрана, објасни доцентката Сехам Ебрахим, дел од тимот што ја открил органелата.
Хемифусомот има дијаметар од само 100 нанометри. За споредба, ако би се наредиле 10.000 еден до друг, би заземале должина (или висина) од само еден милиметар.
Сè уште е непозната неговата функција
Прецизната функција на оваа органела засега не е позната. Тимот на Сехам Ебрахим претпоставува дека таа учествува во распределбата, рециклирањето и отстранувањето на протеините во клетките.
Ако оваа претпоставка се покаже точна, проучувањето на хемифусомите би можело значително да придонесе во истражувањето на Алцхајмеровата болест, една од најразорните болести на денешницата.
Во труд објавен во мај 2025 година во списанието „Нејчр комјуникејшнс“, научниците наведуваат дека хемифусомите може да имаат клучна улога во рециклажата или отстранувањето на клеточните мембрани.
Бидејќи овој процес спречува наталожување на отпад во клетките, истражувачите претпоставуваат дека хемифусомите би можеле да бидат поврзани со развојот на Алцхајмеровата болест. Имено, познато е дека болеста често настанува како последица на слабо отстранување на абнормални протеини во мозокот.
Извор:
Nezavisne.com
Фото: Pexels