Ситуации како прв состанок, разговор за работа или јавен настап можат да бидат многу стресни. Се појавува забрзано чукање на срцето, потење на дланките, но она што најчесто нè „издава“ е непријатното црвенило на лицето.
За многу луѓе ова е многу непријатно, а некои дури развиваат и страв од самото црвенеење, познато како еритрофобија.
- Проблемот не е само во црвенилото, туку во социјалната анксиозност на личноста која се грижи како тоа ќе го доживеат другите - вели д-р Инго Шпицок фон Брисински, член на Стручната асоцијација за детска и адолесцентна психијатрија, психосоматска медицина и психотерапија во Германија.
Анксиозноста е засилена токму поради тоа што личноста не може да го контролира црвенилото, кое дополнително го нагласува чувството на несигурност. А грижата околу тоа може да го направи црвенилото уште поинтензивно. Сепак, постојат начини да се ублажи оваа појава.
Во емоционално стресни ситуации може да помогне испраќање сигнали на опуштање до телото. На пример, со смирено и длабоко дишење или со пренасочување на вниманието од себе кон нешто друго, објаснува д-р Фон Брисински.
Не е секогаш лесно да се постигне тоа, па затоа се препорачува редовна медитација или спортска активност бидејќи тие се ефикасни методи за намалување на стресот и анксиозноста воопшто.
Црвенилото е нормален физиолошки одговор во одредени ситуации. Кај некои луѓе се јавува почесто и поинтензивно, но обично не трае долго. Може да помогне доколку едноставно се прифати и се сфати дека повеќето луѓе речиси и не го забележуваат, па дури и го доживуваат позитивно, сметајќи го руменилото како симпатична реакција.
Но, ако еритрофобијата сериозно влијае врз вашето секојдневие и ве натера да избегнувате социјални интеракции, д-р Фон Брисински препорачува когнитивно-бихевиорална терапија. Преку разговор со терапевт, пациентот може да развие стратегии за надминување на стравот од црвенеење.
Извор:
Fenix-magazin.de
Фото: Freepik