X
 03.08.2018 Култура

Градот што некогаш бил срам за Италија, денес привлекува туристи




Градот Матера, врежан во карпест рид,  денес е едно од најатрактивните места во Италија. Верувале или не, пред неколку децении Матера претставувала национален срам.

Многу жители сè уште се сеќаваат на времињата кога градот имал репутација за нечовечки услови за живот, кога неговите жители пештерите ги претворале во домови, што во некои случаи, нивните предци изворно ги користеле пред 9.000 години.

Заедно со домашните животни, пештерите биле легла на болести кои доведувале до страшна стапка на смртност сè додека владата присилно не го иселила населението во 50-те години на минатиот век.

Во последниве години, овој древен град што се наоѓа на 55 километри од Бари, доживува драматична промена. Денес куќите, односно пештерите, се реновирани, а симпатичното гратче е дом на ресторани, продавници и хотели.


Градот Матера во Италија, врежан во карпест рид
(Фото: Federico Scarchilli)


Интересно е што Матера и натаму го одржува недопрениот шарм нудејќи единствен градски пејзаж.

Фотографот Федерико Скаркили од Рим, во градските ѕидишта од бел камен пронашол инспирација за својот најнов фотографски проект.

„Се обидувам да го истражам овој камен како елемент. Во Матера пронајдов нешто што вистински ме инспирира.“

Во 1993 година, Матера е вклучена во светското културно наследство на УНЕСКО, а во 2019 година ќе биде европска престолнина на културата.


Уличка во Матера
(Фото: Federico Scarchilli)


„Матера е еден од најстарите градови во Италија што опстанува од палеолитската доба, па сè до средниот век“, вели Федерико.

Нејзината античка историја значи дека градот има неверојатен број уметнички и културни содржини.

Фотографот Скаркили препорачува градот панорамски да го набљудувате од ридот Мурџа, наспроти Матера.


Ѕидови со икони во Матера
(Фото: Federico Scarchilli)


Инаку, Скаркили студирал фотографија на Европскиот институт за дизајн во Рим, а фотографијата ја смета за средство за истражување на светот.

„Фотографијата е нешто што може да ме одведе на кое било место што ќе го посакам. Таа ме доведува многу, многу блиску до она што сакам да го откријам“, додава Скаркили.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура