Фронтменот на бендот „Квин“, Фреди Меркјури, добива уште едно признание од Велика Британија, овој пат преку посебно издание на колекционерска монета.
Националната кралска ковачница објави дека сака да му оддаде почит на еден од најголемите шоумени на сите времиња, на уметникот кој одбележа цели децении со својот глас, енергија и сценска харизма.
Дизајн
Монетата го прикажува Меркјури во негов стил, во тек на настап, заедно со неговиот потпис. Инспирацијата за овој дизајн доаѓа од неговиот незаборавен настап на концертот „Лајв еид“. Некои изданија, исто така, имаат и златни детали како потсетување на неговата култна жолта јакна која ја носи на концерт. Овие изданија се посветени на значајните годишнини поврзани со пејачот и бендот. Се навршуваат 40 години од настапот на „Лајв еид“ во 1985 година и 40 години од соло албумот на Фреди „Господин лошо момче“, објавен истата година.
„Оваа чест би му значела сè на светот“
Сестрата на Меркјури, Кашмира Булсара, им изјави на медиумите дека укажаната чест би му значела сè на светот. Покрај тоа, таа ја посети Кралската ковачница да го искова првиот примерок од монетата.
-Ковањето на првата монета во Кралската ковачница беше многу емотивен и горд момент за мене. Фреди би бил апсолутно воодушевен. Тој отсекогаш имал голема почит кон британските традиции и институции. Монетата совршено ја доловува неговата страст и радоста што им ја донесе на милиони преку својата музика - истакнала таа.
Традицијата продолжува
Меркјури почина во 1991 година. Монетата искована во негова чест ја продолжува традицијата на Кралската ковачница на монети за оддавање почит на поединци кои оставиле неизбришлив белег, како што се Дејвид Боуви, Џорџ Мајкл, Пол Макартни.
Кралската ковачница на монети ќе го донира златното издание од монетата на добротворна организација за борба против сида, основана во негова чест. Организацијата планира да го продаде примерокот на аукција во наредните месеци, продолжувајќи ја мисијата на Меркјури за поддршка на луѓето погодени од ХИВ и сида.
Извор: forbes.n1info.rs
Фото: YouTube screenshot