X
 20.02.2024 Технологија

Новиот „ајфон СЕ“ наводно ќе пристигне во 2025 година со ОЛЕД-екран

Сите модели на „ајфон СЕ“ досега користеа ЛЦД-дисплеј, но тоа треба да се промени со претстојниот модел, за кој се вели дека ќе се појави на пазарот во 2025 година. Имено, според информациите добиени од сигурни извори на корејскиот портал „Д Елек“, новиот најевтин „ајфон“ ќе користи ОЛЕД-екран сличен на оној на „ајфон“ 13 и 14.

Ова би значело дека корисниците на новиот „ајфон СЕ“ можат да очекуваат 6,1-инчен екран со резолуција од 1.170 x 2.532, врвна осветленост од 1.200 нити и заштита од гребеници и пукнатини. Нема да има висока фреквенција на освежување бидејќи тоа е сепак резервирано за поскапите модели „про“.

Тројца производители моментално се борат околу тоа нивните ОЛЕД-екрани да бидат вклучени во претстојниот „ајфон СЕ“. Првиот, сосема очекувано, е „Самсунг“, кој на „Епл“ му понуди најниска цена од 30 долари по екран. Втората компанија е БОЕ, која бара 35 долари, а третата е „Тијанма“, која има најскапа понуда од 40 долари.

Сепак, сè уште никој не добил договор за производство бидејќи „Епл“ наводно нуди само 20 долари по екран, па преговорите се во тек.

Извор: Bug.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија