X
 20.03.2022 Колумни

Наставната ситуација киднување (бегање) од часови

Училишниот живот, особено во основното образование, најдолго трае и се памети, за разлика од средношколскиот (кој е поинаков), кој трае пократко. Без разлика на тоа, функцијата на двата образовни системи е да воспитуваат и да образоваат ученици, кои еден ден треба да станат зрели и успешни личности. Точно е дека учениците имаат 2-3 пати, а може и 4 пати неделно, по 7 наставни часа, што е многу, плус дополнителни активности, во договор со одговорните наставници.

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Сепак, за растоварувањето на учениците со предмети и часови, друг треба да води сметка и да го регулира тој континуиран развој. Најдобро се учи кога се доловува суштината на самиот предмет, а не само формата. Да се надеваме дека во иднина и за тоа ќе се најде решение и учениците нема да бидат „оптоварени“ со 7-8 часа. Повторувам: не е тоа работа на наставникот, ами на друга институција, која се вика Биро за развој на образованието (БРО) и која е засегната за фондот на часови во наставата, наставните планови и програми итн. Се случува, особено во завршната година од основното образование, а поретко и во средното, учениците да планираат т.н. киднување или бегање од часови. На што се должи тоа? Еден изговор е: недоволно се подготвиле за наставниот предмет (на пример, наставникот ќе испрашува или ќе прават тест), друг изговор е: ами ние сме сега „големи“, па што ако еднаш избегаме; трет изговор: не можеме да издржиме на тој час, многу е здодевно; четврти изговор: речиси сите (па и нашите родители кога учеле) бегале од часови, па ајде и ние...

Постојат многу изговори... но да не навлегувам во целост. Не е тоа начинот за спас! Има многу подобар начин на излегување во пресрет (доволно е да се замоли предметниот наставник да се одложи испрашувањето). Денес, целта на бегањето од часови има друга заднина.

Последици од бегањето од часови

Непромисленото и „насмеано“ бегање од часови (но, тврдам, не е баш така сеедно), понатаму, во училиштето, отвора обврска за: класниот раководител, предметниот наставник (кај кого избегале учениците) и, секако, педагошко-психолошката служба, па дури и правната служба. По сите наставни и законски прописи, првата мерка што следува за ситуацијата со бегањето од часовите е: усна опомена која се изрекува за одделението/класот што колективно побегнал од часови и записник за неа. Иако, „поблага“ форма на опомена, сепак, мора да биде изречена и запишана во е-дневникот кај секој ученик. Нормално, тука се и неоправдани изостаноци по наставниот предмет и, секако, најтрајно и никогаш незаборавно: впечатокот кај самиот наставник за тоа/тој одделение/клас, самиот наставен предмет, како и воопшто за училиштето во кое учат учениците. Класниот раководител свикува родителски состанок, ги известува родителите за ситуацијата со нивните деца кои без причина одлучиле да избегаат од часови и, секако, им дава усна опомена што треба да ја потпишат, со цел понатаму да не се повтори и да не се помисли на следен, сличен чекор. Верувам дека постапката не е воопшто пријатна затоа што, еве да речеме: кај солиден, посветен и одговорен наставник, да побегнат ученици од наставни часови, треба да имаат длабок изговор и јасна намера.

Оправдан изговор, во последниве години, нема. Зошто се бега од часови? Кратко и јасно: од неучење, нечитање, неодговорност кон учебникот, лектирата и сл. Има и ретки исклучоци, тоа мора посебно да се акцентира. Што ако сме деветто одделение, зарем не треба книга да фатиме в раце? Или, што ако сме матуранти, па треба ли „полабаво“ да биде? Желбата за неучење е страшна навика која води до целосно доуништување на образовниот систем. Ученик кој не чита (макар, колку и да е интелигентен), не може да биде образован, а најмалку да се очекува од него култура на говор и речник на изразување... Не доаѓа предвид! Така што, мислам дека ако паметно и совесно се почне со работење, учење и поголема активност во наставата, нема ни да се помисли на бегање од часови или измислување: „ме боли стомакот“ па да си одам од тој час и слични ситуации... Таа е реалноста. Секако, има и оправдани ситуации (секоја чест за искрените исклучоци). Затоа, ученици: без разлика на возраста и одделението/класот, од дома ве пуштаат на училиште да се школувате, тоа е приоритетот и така треба да биде. Поинаку, не!

Родителскиот став за бегањето од часови

Поделени се мислењата колку и како родителите го оправдуваат или не го оправдуваат бегањето од часови. Сепак, некои родители тврдат дека постапката е оправдана, ете, некогаш и тие биле ученици, па им се случило да избегаат од часови, или полуматурантите и матурантите се „деца“, па сега нормално е да избегаат... лично за мене, тоа се неприфатливи ставови и тврдења. Што значи тоа? Значи, од дома имаме дозвола да правиме што сакаме на училиште, па дури и да повишиме тон на наставниците. Така тоа си оди, во случај, ако родителот оправдува бегање на своето дете од часови... Од друга страна, родители чиј став е дека во никој случај не е оправдана постапката и дека ќе разговараат дома со своето дете повеќе тоа да не се повтори, значи веќе размислуваат, реагираат, постапуваат. И верувам дека со паметен разговор и искрено ветување, навистина не би имало следно бегање од часови. Но, не смее да се заборави и тоа дека: во тие, на пример, два наставни часа учениците наместо во училница, се некаде надвор (којзнае каде)? Кој е одговорен во тој случај? Или треба да им јавивме дома на родителите, да ги известивме дека ќе му ја „киднат“ и никому ништо (можеби, да, и тоа се случува). Нормално, секој родител е на страната на своето дете, ама треба да се запраша кога треба да биде, а кога не, во еден ваков случај на бегање од часови чесно е да признае дека неговото дете згрешило. Разговорот може многу корисно да дејствува, ако се умее да се води на смирен и коректен начин. Од него сѐ почнува. Затоа, драги ученици, не лутете му се на некој што се обидел да ве врати во училница додека сите сте планирале да избегате од часови. Земете пример од тој ученик, макар бил и само тој еден кој не сакал да се придружи на бегањето. Да, тоа е веќе јасно, кога сите бегаат, другарски е, да нема делење, Но, сепак, во иднина добро размислувајте зашто проблемите во животот не можеме да ги решаваме со нивно избегнување, ами со соочување!

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни