X
 20.03.2026 Живот

Необичен вид вино станува хит - дури и француските винарници почнуваат да го произведуваат

Побарувачката за безалкохолни вина расте, особено кај помладите потрошувачи, а француските винарници сè повеќе го следат овој тренд. Некои производители, дури и оние од традиционалните вински региони, почнале да експериментираат со нови производи како одговор на променливите навики на потрошувачите.

Една од нив е Лор де Ламбер Компејро, сопственичка на винарница во регионот Сотерн, која потекнува од семејство во кое 23 генерации произведувале вино. Таа била инспирирана да создаде безалкохолно вино пред една година на саемот „Вајн Парис“, кога првпат пробала таков производ од компанијата „Модерато“. Убедувањето дека пазарот се менува ја поттикнало да развие своја верзија на безалкохолното слатко вино „сигалас-рабауд“. Процесот вклучувал многу тестови на арома, експертски консултации и дегустации пред виното конечно да биде претставено на саемот „Вајн Париз 2026“.

Младите луѓе се помалку подложни на стимуланси

Аделин де Бари од винарницата „Шато де Сен-Мартин“ во Прованса имала слично искуство. Идејата за безалкохолно вино ѝ дошла кога нејзината ќерка и снаа биле бремени, па почнала да размислува за производ што би можел да биде алтернатива за луѓето што не пијат алкохол. Таа го пронашла вистинскиот вкус дури на дванаесеттиот тест. Денес, таа продава вакви вина во повисок ценовен сегмент, нагласувајќи дека производството е скапо бидејќи бара дополнителен процес за отстранување на алкохолот.

Иако пазарот е во почетна фаза, некои ресторани веќе покажуваат интерес. На пример, во Сотерн, еден готвач почнал да нуди избор помеѓу класично и безалкохолно вино со одредени јадења. Според Стефан Бриер од консултантската куќа „Б & С Тек“, безалкохолните вина моментално сочинуваат околу два проценти од француското производство на вино, но тој удел би можел да се зголеми на 10 проценти.


Сè повеќе специјализирани продавници

Безалкохолните вина сè повеќе наоѓаат место на масите - за бремени жени, спортисти, возачи, луѓе со нетолеранција на алкохол или оние што едноставно сакаат да ја намалат консумацијата. Ваквите производи овозможуваат да наздравите со чаша што изгледа како вино, иако станува збор за безалкохолен пијалак.

Сепак, не сите винари се убедени дека ова е вистинската насока. Некои, како производителот Арманд Хајц од Бургундија, веруваат дека безалкохолните вина ги поткопуваат традицијата и вредностите на винарскиот занает. Други, како производителот Ноеми Тано од Бордо, одлучиле да тргнат по поинаков пат и наместо безалкохолно вино, да произведуваат сок од грозје измешан со билки.

И покрај поделените мислења, пазарот постепено се развива. Сè повеќе специјализирани продавници за безалкохолни пијалаци се отвораат во Франција, а ваквите производи ги нудат големите синџири на маркети. 

Дали безалкохолните вина ќе станат постојан дел од винската култура, останува да се види.

Извор: forbes.dnevnik.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот