X
 20.10.2025 Живот

Психолозите ги проучувале исклучително богатите луѓе и дошле до разочарувачки заклучок

Од Скруџ од „Божиќна приказна“ на Чарлс Дикенс до господин Бернс од „Симпсонови“, поп-културата е преполна со злобни, себични, богати луѓе. А сега психолозите тврдат дека „ефектот Скруџ“ не е само неправеден стереотип.

Истражувањата покажале дека постојат јасни врски помеѓу зголеменото богатство и неетичкото однесување. Имено, откриено е дека побогатите луѓе имаат посилен фокус на сопствените интереси и помалку сочувство за страдањата на другите.

Можеби изгледа лесно да се претпостави дека богатството ги претвора добрите луѓе во себични поединци, но според д-р Стив Тејлор, психолог на Универзитетот „Лидс Бекет“, поверојатно е спротивното.

- Во суштина, желбата за богатство е поврзана со состојба на фрустрација и незадоволство. Среќните луѓе обично не се стремат да станат богати - вели д-р Тејлор.

Колку е некој побогат, толку е поголема веројатноста да е помалку морален

Иако звучи како клише, сè повеќе истражувања покажуваат дека колку е некој побогат, толку е поголема веројатноста да биде помалку морален.

Во едно истражување психолозите од Универзитетот во Калифорнија - Беркли откриле дека поединците од повисоката класа почесто лажат при преговори, мамат за да освојат награда и одобруваат неетичко однесување на работа.

Истото истражување покажало дека овие тенденции најчесто се објаснуваат со тоа што луѓето од повисоката класа имаат попозитивен став кон алчноста. Од друга страна, други истражувања откриле дека луѓето од пониските социо-економски групи имаат тенденција да имаат поголемо сочувство кон страдањето на другите отколку побогатите.

Но, не е само општествената класа таа што предвидува колку ќе биде нечие однесување себично.

Истражувањата покажаа дека возачите на поскапи автомобили поретко забавуваат пред пешаци или пропуштаат други возачи да се приклучат на патот. Едно истражување на Универзитетот во Невада утврдило дека шансата возачот да забави за да пропушти пешак се намалува за три отсто на секои 1.000 долари колку што вреди нивниот автомобил.

Се наметнува прашањето: дали парите ги прават луѓето себични или себичноста ги прави луѓето богати?

„Темната тријада“ на личноста


Според д-р Тејлор, одговорот лежи во тоа што истите особини на личноста кои некому му ја поттикнуваат себичноста, го тераат и да тежнее кон собирање богатство. Овие особини се познати како „темна тријада“, која вклучува психопатија, нарцизам и макијавелизам.

Истражувањата постојано покажуваат дека луѓето со овие особини тежнеат кон позиции на моќ и општествено влијание, и најчесто стануваат побогати, но истовремено и помалку среќни.

- Некои луѓе доживуваат состојба на интензивна психолошка одвоеност. Нивните психолошки граници се толку силни што се чувствуваат одвоени од другите луѓе и од светот, без емпатија или емоционална поврзаност - објаснува д-р Тејлор.

Овој „недостаток“, поврзан со личноста од темната тријада, ги тера одредени луѓе да се обидат да ја пополнат празнината со акумулирање статус и моќ. Тоа би можело да објасни зошто стапката на клиничка психопатија е трипати поголема меѓу корпоративните управни одбори отколку меѓу општата популација.

- Луѓето со нарцисоидни и психопатски црти силно ги привлекува богатството. Тие ги гледаат другите како средства што имаат вредност само ако можат да им помогнат да ги задоволат своите желби. Обидувајќи се да ја пополнат празнината во себе, тие додаваат нешта околу себе за да се чувствуваат покомплетно - додава тој.

Недостигот на емпатија, чест меѓу психопатите и нарцисите, им го олеснува патот кон успех.

Работата е уште потажна поради фактот што, според истражувањата, парите многу малку придонесуваат за зголемување на среќата над одредено ниво.

Од друга страна, среќните, сочувствителни луѓе со богат внатрешен живот обично не чувствуваат потреба да стекнат огромно богатство, ниту пак, имаат толкав недостиг на емпатија што би им бил потребен за тоа.

Се разбира, тоа не значи дека сите богати луѓе се злобни.

Д-р Тејлор истакнува дека некои луѓе се збогатуваат затоа што имаат одлична идеја, извонреден талент или едноставно го наследуваат своето богатство. Некои, како Бил Гејтс, дури и донираат огромни суми во добротворни цели наместо да ги собираат како измислениот Ебенизер Скруџ.

Сепак, ако д-р Тејлор е во право, оваа теорија би објаснила зошто богатството е негативно поврзано со особини како што се сочувството и емпатијата.

Исто така, би можела да објасни зошто некои од најбогатите луѓе на светот постојано сакаат повеќе и повеќе наместо едноставно да се опуштат и да уживаат во своето богатство.

- Поврзаноста е суштинска за човечката благосостојба. Без неа, човекот живее во постојана состојба на незадоволство без разлика колку е богат или успешен - заклучува Тејлор.

Извор: Nova.rs 
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот