X
 20.10.2025 Живот

Уапсен Црногорец што работел како полицаец во Чикаго поради нелегален престој

Агентите на американската Служба за имиграција и царина го уапсиле Радул Бојовиќ, полицаец од предградието на Чикаго, за кого Министерството за внатрешна безбедност тврди дека е нелегално во Соединетите Држави.

Бојовиќ, по потекло од Црна Гора, е вработен во Полициската управа Хановер Парк како лиценциран полицаец. Неговото апсење се случило при акција за зголемено спроведување на законите за имиграција во државата Илиноис.

Според официјалните информации, Бојовиќ ја пречекорил својата туристичка виза за десет години и требало да ги напушти САД во март 2015 година. Министерството истакнало дека поседувањето огнено оружје од страна на лице кое нелегално престојува во САД е кривично дело. Општината Хановер Парк соопштила дека Бојовиќ бил вработен во јануари, во согласност со сите федерални и државни закони, и дека презентирал важечка работна дозвола издадена од Службата за државјанство и имиграција на САД.

Тие изјавиле дека Бојовиќ поминал целосна безбедносна проверка, со потврда дека неговиот тековен имиграциски статус му дозволува да носи оружје додека е на должност.

Тој е на административно отсуство до крајот на процесот на имиграција, а доколку му биде дозволено да остане во САД, ќе може да се врати на должност. Според онлајн евиденцијата на Службата за имиграција, Бојовиќ моментално е во притвор, без информации за локацијата и времето на неговото апсење. Општинските евиденции покажуваат дека бил вработен во Пензискиот фонд на полицијата во Хановер Парк во јануари, со почетна плата од околу 79.000 долари годишно, а дипломирал на Академијата за спроведување на законот во август.

Претседателот на општината, Родни Крег, изјавил дека случајот предизвикал голем јавен интерес:

- Ова е од интерес за многумина во нашата заедница и се случува во време кога во регионот се во тек акции за имиграција.

Крег додал дека сè уште има доверба оти процесот на вработување на Бојовиќ е спроведен во согласност со прописите.

Извор: 6yka.com

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот