X
 01.02.2019 Живот

Зошто Америка се заледи и дали тоа може да ни се случи и нам?

Северот на САД е заледен поради поларните температури и ветришта кои доаѓаат од Арктикот. Исто така, најавен е ладен бран кој ќе ја зафати Европа.

Оттука се поставува и прашањето како ние ќе поминеме во целава оваа ситуација?

Исто така, случувањата во САД, каде што на Средниот запад температурата е длабоко под нулата, наметнуваат некои важни прашања.

Првото прашање е зошто се забележуваат вакви ледени рекорди ако светот глобално се загрева и ако има сè помалку големи минуси? Второ, особено е интересно дали можат таквите екстремни студови да зачестат и во нашиот регион?

Над Земјините полови, како Северниот, така и Јужниот, во повисоките делови од атмосферата, во тропосферата и стратосферата, има постојани подрачја со низок притисок на воздухот кои се нарекуваат поларен вител. Во тие вители, поради ротацијата на Земјата, воздухот кружи во насока од запад кон исток.

Кога станува збор за северната хемисфера, под северниот вител има маса од ладен густ арктички воздух. Местото каде што се среќаваат ладните поларни суви маси на воздух со потоплите и повлажни, близу екваторот, се нарекува поларен фронт и е на околу 60 степени географска ширина, што значи некаде над Скандинавскиот Полуостров.

Поларниот вител, чија сила зависи од големината на разликата во температурата на половите и на екваторот, обично е посилен преку зима, а послаб преку лето бидејќи преку зима разликите се поголеми, а преку лето помали. Но, со климатските промени Северниот Пол забрзано се загрева, побрзо од остатокот од светот.

Причината за тоа е фактот дека секоја година белата површина со лед која ја рефлектира сончевата светлина е сè помала, а површината на темното море кое го впива сонцето се зголемува. Така се создава повратна спрега на топење на ледот и загревање.

Ваквото забрзано загревање на Северниот Пол доведува до намалување на разликите во температурите меѓу поларните и тропските краишта, а со тоа и до намалување на разликите во притисоците. Поради тоа слабеење, слабее и поларниот вител, кој функционира како своевиден ѕид кој спречува продор на ладен воздух на југ. Тој сè почесто и сè повеќе кривули, а повремено доаѓа и до негов распад, главно на два дела.

Ваквите ситуации обично навестуваат брз раст на температурите во стратосферата над Северниот Пол, на висина меѓу 20 и 30 километри. По распадот, еден дел од вителот и ледените маси од арктичкиот воздух обично патува кон Канада, а друг кон Евроазија.

На високите географски ширини во таквите околности доаѓа до јакнење на антициклоните, односно на високиот воздушен притисок, што во случајот на Европа овозможува создавање на пат за продор на ладниот воздух од Сибир кон југот. Овој ефект се засилува ако е потпомогнат од циклони, односно со низок воздушен притисок на подрачјето на Средоземјето.

Што може да се очекува во регионот?


Сега сите се прашуваат дали и Европа, односно и нашиот регион може да биде зафатен од такви поларни температури, а медиумите во регионот даваат потврден одговор.

Во последните децении Европа главно беше поштедена од изразено големи продори на поларни вители какви што преку зимите често имаше на северот од САД. Меѓутоа, анализата на метеоролошките податоци од последните три децении покажува дека зимскиот поларен вител сè повеќе се сели на исток - од северозападот на САД кон североистокот на САД и потоа кон Евроазија.

За што станува збор? Во суштина, постојат два поларни вители - еден во стратосферата, на висина од околу 20.000 метри, и друг во тропосферата на висина меѓу 5.500 и 9.000 метри. Кога метеоролозите зборуваат за поларен вител, обично мислат на оној понискиот во тропосферата.

Меѓутоа, една студија од 2016 година посветува посебно внимание на стратосферскиот вител, кој може да има поголемо, но и посуптилно влијание на временските услови на средните географски ширини.

Метеоролошките податоци користени во анализата покажале дека тој вител во последните 30 години слабее и патува кон истокот. Неговото слабеење значи дека може повеќе да кривули и така дури и да се одлепи од поларните краеви и да се спушти длабоко кон југ, што може да се случи дури и кон крајот на зимата.

Студијата утврдила и дека постои некоја блиска поврзаност меѓу намалувањето на арктичките површини што се под лед и поместувањето на вителот, но засега не може детално да се разјасни кој механизам би можел да биде одговорен за тоа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот