X
 21.04.2016 Образование

Родители, оставете ги децата да се досадуваат!

Д-р Тереза Белтон од Универзитетот во Источна Англија направила истражување во кое ја анализирала писателката Меера Сијал и уметникот Грејсон Пери. Целта на истражувањето била да открие колку досадувањето во детството придонело за нивната креативност. Сијал изјавила дека никогаш не започнала да пишува доколку не и` било досадно, а Пери го опишува моментот како особено креативен.

„Досадата често се поврзува со осаменоста. Сијал во нејзиното детство поминувала часови гледајќи низ прозорецот кон полињата и шумите, следејќи ги промените на времето и годишните времиња. Но најважно е тоа што досадата ја натерала да започне да пишува. Таа од најрана возраст започнала да води дневник во кој ги запишувала своите раскази, кратки приказни, песни и остри критики. Таа сама сметала дека тоа е вовед во иднита кариера во пишувањето“, вели Белтон.

„Принудената осаменост заедно со празната хартија се одлично поттикнување“, вели Сијал. Грејсон Пери тврди дека чувството на досада е корисно и за возрасните. „Колку повеќе стареам, толку повеќе го ценам размислувањето и чувството на досада. Тоа всушност е креативна состојба“, вели Пери.

Неврологот и експертот за мозочни нарушувања, професорката Сузан Гринфилд, во разговорот со Д-р Белтон исто така ги сподели спомените за растењето во сиромашно семејство без браќа и сестри, се` до 13 години. „Таа беше среќна сама смислувајќи начини на кои ќе се забавува, измислувала сопствени приказни и сама ги отсликувала и често посетувала библиотека“, вели Д-р Белтон.

Белтон, која е експерт за влијанието на емоциите врз однесувањето и учењето, вели дека досадата може да биде и исклучително непријатно чувство бидејќи животната средина од вас очекува постојано да бидете опседнати со нешто и да бидете стимулирани. Но, таа предупредува дека развојот на креативноста подразбира „способност за развој на внатрешната мотивација“.

„Природата не поднесува празен простор и затоа ние постојано се обидуваме да го исполнеме. Но, некои млади луѓе немаат свои внатрешни ресурси и одговори и не успеваат да пронајдат начин креативно да се справат со досадата, што често завршува со кршење на автобуските станици или крадење на возила“, вели Д-р Белтон.

Таа претходно се занимавала и со проучување на влијанието на телевизијата и видеата врз детското пишување. „Во денешно време, кога не знаат што да прават со себеси, децата автоматски го пуштаат телевизорот, компјутерот или телефонот. Времето кое децата го поминуваат со овие уреди забрзано расте“.

Децата мораат да имаат период во кој нема да бидат окупирани со такви работи. Болтон го користи терминот „stand and stare time“ односно „време кога децата ќе и` се препуштат на имагинацијата, своите мисловни процеси, и асимилација на нивните искуства низ игра или едноставно набљудување на светот околу себе“. Сето тоа ја стимулира имагинацијата додека седењето пред екранот доведува до „краток спој“ во процесот на имагинација и развој на креативниот капацитет“.

Сијал додава: „Кога ќе започнете да пишувате не постои ништо што морате да го докажувате, ништо не можете да изгубите и немате што друго да работите“.

Креативноста е ослободувачка состојба, поради можноста за слободно изразување без никаков притисок од страна или едноставно поради пополнување на слободното време. Д-р Белтон заклучува: „За доброто на развојот на сопствената креативност мораме да го забавиме ова темпо, а од време на време и целосно да се исклучиме од секојдневието.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование