X
 29.08.2023 Образование

Студент од УКЛО добитник на прва награда за научен труд од областа на биотехнологијата

Кристијан Велјановски, студент на Факултетот за биотехнички науки – Битола, освои прва награда за најдобар научен труд на Меѓународна студентска конференција во организација на Агрономскиот факултет во Чачак, единица на Универзитетот во Крагуевац, Република Србија.

Станува збор за Конференција која вклучува научни трудови на студенти по агрономија и студентски истражувања од областа на биотехнологијата.

Кристијан Велјановски ја доби наградата за истражувањето со наслов: Determined parasite species of Ohrid grunec (Rutilus ohridanus) from Ohrid Lake (Macedonia), во конкуренција од 32 труда и учесници од девет држави.

Еве што Кристијан Велјановски ни изјави за постигнатиот успех и учество на значајниот студентски собир: 

„Меѓународната студентска конференција во организација на Агрономскиот факултет во Чачак, при Универзитетот во Крагуевац, Србија, беше навистина добро организирана и импресиите од стекнатото искуство ќе ми останат во добро сеќавање. Организаторите беа многу гостопримливи и комуникативни, атмосферата беше во добро расположение и со многу хумор, така што се чувствував како да сум на свој терен, во својата земја.
На студентската конференција учествуваа професори и студенти од девет различни земји, така што имав можност да се запознаам со нив и да зборуваме за нашата професија. Интересно беше да се сподели искуството во однос на студирањето, научните истражувања, социјалниот живот и другите аспекти. На оваа конференција се запознав со колеги од својата и од други држави, со кои ќе имам соработка и дружење во иднина. Чест ми беше да ја претставувам, пред сè, мојата земја, Универзитет и Факултет на оваа студентска конференција.

1

На конференцијата имаше навистина интересни теми претставени во 32 труда, така што научив многу нови работи. Секој од студентите со своите ментори се покажа во најдобро светло, што навистина беше голем предизвик за комисијата која ги оценуваше трудовите.

Јас со својот научноистражувачки труд го освоив првото место и навистина не можам да опишам со зборови како се чувствувам. Тоа може само да се доживее. Со ова уште еднаш се докажува дека Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола има квалитетни студенти кои се ценети во и надвор од својата држава.

Сакам длабоко да ѝ се заблагодарам на мојата менторка, проф д-р Дијана Блажековиќ-Димовска за нејзиното менторство не само во текот на теренските истражувања кои ги правевме врз видови риби од Охридското Езеро, туку и за време на изработката и подготовката за презентирање на трудот, како и можноста да учествувам на студентска конференција надвор од мојата држава, обезбедувајќи финансиски средства преку CEEPUS програмата.

Ги охрабрувам сите студенти да ги користат можностите што ги нуди Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, нивните факултети и можностите што ги нуди Универзитетското и факултетското студентско собрание. Со овие можности ќе се надградуваат како вистински академски граѓани.“

Високиот успех претставува признание за работата и на професорите, Факултетот и УКЛО. Професорката Дијана Блажековиќ–Димовска од Факултетот за биотехнички науки – Битола, која покрај силен поддржувач е и ментор на научниот труд на Кристијан Велјановски, искажува големо задоволство од постигнатите резултати и сподели академско искуство од Конференцијата и искуствата со нејзините студенти:

- Вложувањето во младите е влог во иднината... иднината на секоја една држава, татковина... Колку повеќе вложуваме во нив, толку посветла иднина нѐ очекува, особено кога тоа остава долготрајни белези и ни дава сигурност и спокој во поодминати години. Кога секој еден од нас вака би размислувал, тогаш несомнено крајниот исход е здраво општество, темелено на здрави основи... Тоа е моето мото и двигател во мојата професионална кариера која ја градам веќе 17 години, каде што секогаш на прво место се моите драги студенти, светла иднина на нашето општество, младина со која треба постојано да работиме, правилно да ја насочуваме и со нашите постапки и дела да ѝ бидеме пример како треба да се движи низ патеката на животот, која е тешка, трнлива и со безброј препреки... Но, на крајот на тунелот, ги собираме плодовите на секој наш успех, до кои колку потешко стигнуваме, толку се послатки....

1

Секој просветен работник, без разлика дали доаѓа од основното, средното или високото образование, треба да има една единствена мисија, да работи во насока на поттикнување на младешкиот ентузијазам, бидејќи: Вистинскиот учител учи од своето срце, а не од книгите (анг. ”The real teacher teaches from his heart, not from the books”).

Особено во последните неколку години, кога светот стана едно „глобално село“, се отворија многу можности за напредок и развој, стекнување знаења, вештини, практики и сл., кога европски или светски грантови „тропаат“ на вратите на земјите во развој или помалку развиените земји, еден од моите приоритети е да ги мотивирам студентите да ги користат и „грабаат“ сите можности, бидејќи секое излегување од границите на нашата држава значи нов предизвик, ново искуство, нови знаења, нови пријателства, кои отвораат уште подлабоки можности за вмрежување, од кои нема излез... тоа е како пајакова мрежа, колку повеќе се инволвираш, толку повеќе остануваш во неа и се насочуваш кон нови нишки, уште подлабоки и поцврсти кои неминовно резултираат со силен ум, правилно расудување и здрава иднина....

Неописливо е чувството кога долготрајното вложување во студентите во еден сегмент од образованието и науката, било да се работи за нивно вклучување на некоја студентска конференција, конгрес, симпозиум или научноистражувачки проект, резултира со награда или признание, без оглед на тоа што секогаш приоѓаме со ставот дека најважно е да се учествува.

Сепак, привилегија е кога наставникот знае дека со својот ангажман придонел неговото, како и името на своите студенти, достојно да стои на пиедесталот како доказ дека незалудно се потрошило бесценетото време.

Особено сум горда што на Меѓународната студентска конференција, која традиционално се одржува повеќе од 15 години на Агрономскиот факултет во Чачак, при Универзитетот во Крагуевац, Србија, Кристијан Велјановски, студент во трета година на насоката квалитет и безбедност на храна при Факултетот за биотехнички науки - Битола, под мое менторство ја понесе првата награда за најдобар научноистражувачки труд, во конкуренција со 32 труда од 9 различни држави. Ова е голем успех и мотивација за млад и надежен студент, но и успех за Македонија, нашиот Универзитет и секако матичната институција.

Моите драги студенти се сведоци на мојот ентузијазам и добронамерни совети кои постојано им ги давам, дека не смеат да се штедат кога е во прашање учењето, читањето, потрагата по нови знаења и предизвици, „отворањето кон светот“ бидејќи само така полека, но сигурно ќе чекорат кон својата иднина, ќе го работат тоа што го сакаат и со задоволство ќе се надградуваат и ќе ги освојуваат животните патеки.

Една од моите омилени поговорки е кинеската поговорка “If you are planning for a year, sow rice; if you are planning for a decade, plant trees; if you are planning for a lifetime, educate people”, која ме насочува во професионалната кариера, што ми претставува голема мотивација, уште повеќе од моментот кога на „своја кожа” имав можност да го почувствувам духот на кинеската нација и да сфатам зошто се таму каде што се, и зошто треба да ни бидат репер во делот на образованието, науката и културата.

student

Само доколку нашиот професионален ангажман како просветни работници е насочен кон студентите, со ставот дека треба да „работиме и да живееме за нив, бидејќи живееме од нив, да откриваме талентирани млади луѓе на кои дополнително ќе им ги отвораме очите кога ќе воочиме дека се желни за знаења и имаат на повидок безброј можности, приоѓајќи ни со мислата „Tell me and I forget. Teach me and I remember. Involve me and I learn” (Бенџамин Франклин), дури тогаш можеме со сигурност да тврдиме дека сме успешни просветни работници, со остварена мисија за која сме предодредени во општеството и академската заедница.

Инаку, Факултетот за биотехнички науки – Битола на оваа Конференција учествува традиционално, над петнаесет години. Студентите учесници секогаш добивале пофалници, награди и сл. Сепак, ова е првпат да се освои првото место и затоа со посебна радост се нагласува големиот успех, особено затоа што е значајно и за сите македонски претставници. Имено, на Меѓународната студентска конференција во организација на Агрономскиот факултет во Чачак од Македонија присуствуваа и студенти од Земјоделскиот факултет - Скопје при УКИМ. Студентскиот настан се одржа од 16 до 18 август 2023 г.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование