X
 21.07.2025 Живот

Ова е првиот главен град без пивка вода, па затоа луѓето се постојано болни

Главниот град на Авганистан брзо ги губи подземните извори на вода, а илјадници семејства се принудени со часови да го бараат или скапо да го купуваат онаа што треба да биде основно човеково право - пивката вода.

На периферијата на Кабул граѓаните влечат канистри и садови обидувајќи се да обезбедат доволно вода за секојдневната употреба. Градската водоводна мрежа пропаѓа, па луѓето мораат да купуваат скапа вода од цистерни или да ја носат пеш од далечни бунари.

Пред само три децении Кабул броел помалку од два милиона жители. По падот на талибанците во 2001 година, започнал бран на миграции, па многумина се доселувале барајќи поголема безбедност и подобри економски услови. Со растот на населението растела и побарувачката за пивка вода.

Градот речиси целосно зависи од подземните води што се обновуваат со топење на снегот и глечерите од блискиот планински венец Хиндукуш. Но, поради години лошо управување и претерано црпење, нивото на подземната вода се спуштило за дури 30 метри во последната деценија, според податоците на хуманитарната организација „Мерси корпс“. Кабул годишно троши 44 милиони кубни метри повеќе вода отколку што природно се обновува. Речиси половина од бунарите се пресушени.

Рахила, мајка на четири деца, живее во едно од посиромашните маала на главниот град. Секое утро, штом ги слушне цистерните како се пробиваат низ улиците, излегува со кофи и садови.

- Воопшто немаме пивка вода. Секогаш ја снемува, а секоја голтка чини скапо. Поради водата, штедиме на храна и на сè друго - раскажува таа.

Кризата станува сè посериозна. Според извештајот на „Мерси корпс“, Кабул би можел да стане првата модерна метропола која ќе остане без вода. Комбинацијата од раст на населението, климатски промени и неконтролирано трошење ги исцрпува резервите на подземни води.

Додека 85 отсто од населението живее со помалку од еден долар дневно, жителите мораат да влечат канистри со вода од бунари или да ја купуваат од цистерни по енормно високи цени.

28-годишниот Ахмад Јасин по месеци чекање во редици пред локалната џамија, решил да ископа свој бунар длабок 120 метри.

- Дадовме сè за него, сега немаме ни за филтер - вели тој.

Но, и овие импровизирани решенија имаат ризици. Според процените на „Мерси корпс“, 80 отсто од подземните води во Кабул се контаминирани, со фекалии од импровизирани тоалети и со индустриски отпад. Жителите често страдаат од дијареја и повраќање.

- Секогаш сме болни. Доволно е само да ги измиеме забите со таа вода - вели еден жител.

Кабул денес е опасен град без основна инфраструктура и услови за живот. Климатските промени ја влошуваат состојбата. Снегот кој некогаш ги полнел подземните води сè почесто се заменува со кратки, но силни дождови кои предизвикуваат поплави, но не помагаат за обнова на изворите. УНИЦЕФ предупредува дека ако ваквиот тренд продолжи, Кабул до 2030 година целосно ќе остане без подземна вода.

За многу семејства, единствен извор на вода се приватните дистрибутери кои ја продаваат по високи цени или џамиите што имаат пристап до подлабоки бунари. Цените се често астрономски.

Најголемиот товар од кризата го носат жените и децата. Децата често ја пропуштаат наставата бидејќи со денови пешачат за да донесат вода, а жените секојпат кога излегуваат од дома ја ризикуваат сопствената безбедност.

- Без машки член на семејството не смееме сами да излеземе на улица. Секоја жена се плаши - вели една жителка на Кабул.

Политичката нестабилност и економската криза дополнително ја влошуваат состојбата. Откако американските сили се повлекоа во 2021 година, а талибанците ја презедоа власта, поголемиот дел од меѓународната помош за Авганистан беше стопирана. Хуманитарните организации се обидуваат да ја пополнат таа празнина, но средствата се ограничени. Неодамнешната одлука на американската влада да го запре финансирањето преку УСАИД дополнително ги ослабна напорите на теренот. Според „Мерси корпс“, за итни потреби во водоснабдувањето и санитарните услови потребни се 264 милиони долари, а досега се обезбедени само 8 милиони.

- Станува збор за хуманитарна, здравствена, економска и политичка криза. Без меѓународна помош, без инфраструктура и со постојано растечко население, градот се распаѓа, а обичните луѓе ја плаќаат цената - велат од „Мерси корпс“.

Извор: Jutarnji.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот