X
 18.07.2018 Живот

И во 21 век чистата вода и санитарните јазли се апстрактна именка во некои земји



Во некои земји, особено од Африка, како Еритреја и Намибија, воведувањето чиста вода за пиење и санитарни јазли би можело да потрае стотина години, освен ако владите не ги зајакнат финансиските напори за решавање на ваквите проблеми кои директно се одразуваат врз здравјето на луѓето, предупреди во понеделникот меѓународната хуманитарна организација „Вотереид“.


Вода од чешма
(Фото: Pixabay)


Од организацијата предупредуваат дека нема да се исполни зацртаната глобална цел до 2030 година сите луѓе на планетата да имаат безбедна вода за пиење и соодветни санитарни услови, а притоа напоменуваат дека речиси 850 милиони луѓе немаат пристап до чиста вода.

Процената е дека за постигнување на оваа цел, потребни се 28 милијарди долари на годишно ниво.

Имено, ООН во 2015 година усвои цели за одржлив развој до 2030 година, а претставниците на владите моментално го анализираат остварениот напредок во однос на зацртаните планови, со акцент врз 6 од вкупно 17. колку што се опфатени во оваа програма.

„Водата, санитарните и хигиенските услови претставуваат глобална криза. Сериозно ги повикуваме владите да ’чепнат во своите резерви‘“, апелираше Савио Карваљо од „Вотереид“ во својата изјава за „Томсон Ројтерс“ од седиштето на ООН во Њујорк.

Минатата недела функционерите од ОН изјавија дека препреките за постигнување на целите за водоснабдување и санитација потекнуваат од конфликтите и загадувањето на водата, до климатските промени, притоа апелирајќи за што поефикасно користење на водата.

До 2030 година „значаен број луѓе“ во 80 држави веројатно нема да имаат пристап до чиста вода, а постоењето на лоши санитарни услови се очекува во повеќе од 100 земји, велат од „Вотереид“.

Врз база на податоците од САД, организацијата пресметала дека на некои земји ќе им требаат стотици години за да обезбедат вода за пиење и санитарни јазли за своите граѓани.

Така, на пример, Намибија за чиста вода ќе мора да чека до 2246 година, граѓаните на Еритреја до 2507 година, а Никарагва до 2180 година. Целта секој жител на Гана да има пристап до санитарен јазол ќе може да се реализира дури по 450 години.

Владите би требало да ги финансираат водоснабдувањето и санитарните простори од сопствените буџети, како и да соработуваат со комуналните претпријатија и приватните компании за да се опфати и населението од поизолираните подрачја, истакнува Карваљо.

„Има многу пари во светот, но едноставно не се делат на вистинскиот начин“, заклучува тој, повикувајќи ги меѓународните донатори на зголемување на издатоците за вода и санитарии.

Додека пристапот до вода и санитација не се одреди како приоритет, и останатите глобални цели како обезбедување здрав живот и намалување на нееднаквоста ќе бидат загрозени, смета Карваљо.

Неговата организација ги наведува податоците од Светска банка кои покажуваат дека последиците од неадекватните санитарни услови, кои предизвикуваат смрт кај децата и заразни болести, во 2015 година го чинеле светот 220 милијарди долари.

Карваљо напоменува дека некои земји, вклучително и Руанда и Индија, значително напредувале кон остварувањето на целта за чиста вода и санитација, но потенцира дека одржливиот напредок сè уште претставува предизвик.

„Шокантно е што нациите, гледајќи колективно, се илјада години оддалечени од остварувањето на овие човекови права“, изјави извршниот директор на „Вотереид“, Тим Вејнрајт.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот