Во март годинава беше објавено дека фрагмент од таписеријата од Баје (на таписеријата е опишана Норманската инвазија на Англија во 1066 година) е откриен во Германија, во државните архиви на Шлезвиг-Холштајн. За да разбереме како завршил таму, мора да се свртиме кон малку познатата епизода во историјата на таписеријата: „Специјална операција Баје (Sonderauftrag Bayeux )“ - проект управуван од нацистичката „Аненербе“, псевдонаучна и истражувачка организација (елитна гарда на нацистичкиот режим).
Честопати се забележува дека уметноста била од непропорционален интерес за нацистите. Сепак, нивната манипулација со визуелната и материјалната култура треба да се сфати како централна за геноцидниот режим на Хитлер и неговите напори за глобална доминација. „Аненербе“, под врвен авторитет на Хајнрих Химлер, била основана за да развива и шири истории во поддршка на нацистичкиот режим: надмоќта на ариевската раса.
Нацистичкиот интерес за таписеријата Баје може да им биде изненадување на Британците, кои ја сметаат за симбол на еден значаен момент во историјата на Велика Британија. Сепак, исто како што политичарите во современа Британија сметаат дека е примамливо да се повикуваат на таписеријата во однос на унапредувањето на нивните политички агенди, така постапувала и групата „Аненербе“.
„Специјалната операција Баје“ имала цел да изработи повеќетомна студија за таписеријата што ќе го потврди нејзиниот инхерентен скандинавски карактер. Целта била да се претстави таписеријата како доказ за супериорноста на раниот средновековен нормандски народ, за кого „Аненербе“ тврдела дека е предок на современите германски ариевци и потомци на викинзите од Северна Европа.
Меѓу тимот испратен во Нормандија за да ја проучи таписеријата од прва рака бил и Карл Шлабов, експерт за текстил и раководител на Германскиот институт за костими во Нојминстер, Германија. Шлабов поминал две недели во Баје и токму тој отстранил фрагмент од материјалот и го вратил во Германија кога завршила неговата истражувачка посета. Иако првичните извештаи сугерирале дека Шлабов го отстранил овој фрагмент кога везот подоцна бил префрлен од нацистите во Париз, поверојатно е дека го сторил тоа во текот на јуни 1941 година, кога тој и неговите колеги членови на „Специјалната операција“ биле стационирани во Баје.
За да се приклучи на „Аненербе“, Шлабов бил примен во СС, а имал и чин. По Втората светска војна многу членови на „Аненербе“ негирале дека имале симпатии кон нацистичката политика.
Сепак, документите запленети од американските разузнавачки службеници на крајот од Втората светска војна откриваат дека на некои им бил одбиен влез во „Аненербе“ ако, на пример, имале еврејски пријатели или изразиле симпатии кон комунистичките идеи.
Се чини дека самиот чин на изработка на илустрирана студија и испраќање истражувачи до оригиналната таписерија бил доволен за да се тврди дека предметот е споменик на германската ариевска супериорност. Сепак, проектот не бил завршен пред поразот на Германија на крајот од војната.
Како и многу други членови на „Аненербе“, Шлабов се вратил на истражувањето по војната, работејќи во Државниот музеј Шлезвиг-Холштајн во замокот Готорф.
Не треба да биде изненадување што Шлабов се чувствувал овластен да го украде ова парче од таписеријата бидејќи режимот за кој работел го сметал предметот за дел од лично наследство.
Пронајдениот фрагмент моментално е изложен во Шлезвиг-Холштајн, но ќе се врати во Музејот „Таписеријата од Баје“ во Нормандија, навреме за повторното отворање на музејот во 2027 година, кога двата елемента ќе бидат обединети, првпат од 1941 година.
Извор: theconversation.com
Фото: YouTube screenshot