X
 21.09.2017 Живот

Девојка што избегала од Северна Кореја: „Бевме принудени да гледаме егзекуции“

Жена што успеала да побегне од Северна Кореја во исповед за британски „Мирор“ открила дека во текот на нејзиниот живот во оваа земја била принудена да гледа егзекуции, а нејзините соученички биле принудени да станат сексуални робинки на Ким Јонг-ун.

26-годишната Хи Јеон Лим вели дека тиранинот ноншалантно наредувал егзекуции на луѓето, вклучувајќи и членови од неговото семејство. Лим вели дека го ризикувала животот со нејзиното интервју, меѓутоа, го направила за да го разоткрие лидерот на нејзината земја.

Таа тврди дека повисоките одделенија од училиштето во Пјонгјанг каде што таа завршила биле принудени да гледаат ужасни егзекуции, а подоцна Ким ги почестувал со големи оброци.

Во една пригода тие биле сведоци на стрелање на 11 музичари што биле обвинети дека снимале порнографски филм.

„Ги стрелаа пред нас, ги врзаа, им ставија вреќи над главата и им ги врзаа устите за да не можат да молат за милост, ниту да врескаат. Ми се згади од она што го видов тој ден. Ги пукаа додека не паднаа мртви. Телата им беа разнесени на парчиња, целосно уништени. Имаше крв насекаде. Тој ден околу 10.000 луѓе беа присилени да гледаат егзекуции, а јас бев на 60 метри од жртвите.

Лим тврди дека Ким Јонг-ун ги избирал најубавите нејзини соученички за да работат за него. Откако ќе научеле да масираат, тие станувале негови сексуални робинки. Ако случајно направеле и најмала грешка, едноставно „исчезнувале“ - дури и ако во тој момент биле трудни.

Таа тврди дека Ким Јонг-ун се заканува со војна бидејќи е загрижен и нема друг излез, а граѓаните на Пјонгјанг отворено го поддржуваат бидејќи во спротивно ќе бидат убиени, а ова се однесува и на неговите блиски луѓе.

Лим со својата мајка и својот брат успеала да избега во јужнокорејскиот Сеул. Името го сменила поради безбедносни причини.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот