X
 21.09.2025 Живот

Зошто Јапонците често носат чадори - причини не се сонцето и дождот

Можеби и самите сте забележале Јапонци како шетаат по улица со отворен чадор, дури и кога нема дожд.

Иако некои ги користат за заштита од сонцето, вистинското значење на овој предмет во јапонската традиција е многу подлабоко.

Овие чадори, познати под името „вагаса“, освен функционална имаат и силна културна и духовна улога. Се верува дека тие се всушност „сад за души“.

Длабоко религиско значење


Како што објаснува Тацу Данџо, професор по хуманистички науки на Универзитетот „Бепу“ во префектурата Оита, во Јапонија постои верување дека одредени предмети, меѓу кои и чадорите, можат да служат како „јориширо“ - објекти кои привлекуваат богови или духови.

Ова верување има длабоки историски корени. Чадорите се појавиле во Јапонија помеѓу 9 и 11 век, но не служеле само за заштита од временските услови. Тие претставувале симболи на духовна и политичка моќ.

Раните модели, како сашикаке-гаса, долги чадори со рачка, биле резервирани за верски и политички лидери, додека слугите ги држеле над главите на елитата.

- Јапонците често имаат анимистички начин на размислување. Кружниот облик на чадорот, кој потсетува на душа, и рачката, која наликува на столб, се сметале за место на кое душата може да се спушти - објаснува професорот Данџо.

Чадорите и фестивалите

Духовната симболика на чадорот особено доаѓа до израз за време на традиционалните фестивали. На фестивалот Јасураи Мацури во Кјото, кој се одржува секоја година во втората седмица од април, се верува дека чадорите украсени со цвеќе можат да излечат болести.

На фестивалот Хаката Донтака во Фукуока чадорите се користат за пренесување благослови за здравје и среќа.

На островот Окиношима, во префектурата Кочи, за време на фестивалот „Обон“ во август жителите прават шарени конструкции од чадори кои служат како привремен дом за душите на неодамна починатите.

Чадорот во јапонската митологија

Чадорите инспирирале и еден од најпознатите јапонски натприродни ликови како каса јокај, духот на чадорот.

Овој митски лик се појавува во уметнички дела како „Ноќната парада на безброј гоблини“, каде што се прикажуваат отфрлени предмети од домаќинството кои наеднаш оживуваат.

Анимизам во секојдневието

Во Јапонија се верува дека и обични домашни предмети, исто како чадорите, можат да поседуваат душа. Овој анимистички систем е длабоко вкоренет во јапонската култура, каде што постои убедување дека предметите, особено оние што се користеле долго, а се сакани, а потоа фрлени, ја задржуваат енергијата на своите сопственици.

Извор: Nezavisne.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот