X
 21.11.2025 Живот

МЗ изготви лична карта на здравството: Во Македонија има 3.779 здравствени установи со 32.383 вработени

Министерството за здравство започна со анализа на податоци на моменталната ситуација на човечките ресурси во јавните и приватните здравствени установи низ целата држава, истакна министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција. Тој соопшти дека анализата произлегла од еден темелен институционален процес на вкрстување на податоци од повеќе институции, како што се Централен регистар, Агенција за вработување, Лекарска комора, Стоматолошка комора, Фармацевтска комора, Управа за електронско здравство и Фонд за здравствено осигурување.

-Здравството не може да се реформира „на слепо“, не може да се планираат дежурства, листи на чекање, специјализации, интервентни тимови и здравствени услуги блиску до домот на секој граѓанин ако не знаете точно колку луѓе работат во системот, каде работат, со каква стручност - рече министерот.

МЗ изготви лична карта на здравството во Македонија. Според објавените податоци, во државата има вкупно 3.779 здравствени установи (во моментот кога е направена анализата). Од овие здравствени установи, 2.942 се во мрежата на здравствени установи, а надвор од мрежа се 837 установи. Од 2.942, 2.830 се приватни здравствени установи (ПЗУ), а 112 се јавни установи - од кои 108 се јавни здравствени установи (ЈЗУ) и 4 се институции кои даваат јавни здравствени услуги, како што се Воено-медицински центар, МАНУ, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Медицински факултет и Фармацевтски факултет - Скопје.



Бројот на вработени во јавен и приватен сектор изнесува 32.383, од кои 18.536 се во ЈЗУ, а 13.847 во ПЗУ. Од 13.847 вработени, 9.040 се лекари и членови на тимот во примарно здравство, а останатите 4.807 се вработени во приватни здравствени установи (сите вработени во здравствен сектор).

Од 18.536 вработени во јавното здравство, лекари и медицински соработници на секундарно и терцијарно ниво се 4.746. Медицински сестри се 7.003 во ЈЗУ, како и останати медицински и немедицински кадар во ЈЗУ (во кои се опфатени над 550 називи според меѓународната ISCO класификација - пример возач на брза помош, хигиеничар, магационер, клинички фармацевт и др.).



МЗ објави и цела листа со сите ЈЗУ и ПЗУ во секој град во Македонија, која можете да ја видите ТУКА, како и податоци за бројот на лекари по градови, но и за бројот на медицински кадар во секоја специјалност.

Така, најголем број има фармацевтски техничари (1.531), а по нив следуваат фармацевтите (1.520), лекарите по општа медицина (1.420) и оние по општа стоматологија (1.239).

-Ова е почеток на воспоставување регистар на работници во областа на здравството, каде што податоците ќе можеме да ги гледаме во реално време и да креираме здравствени политики базирани на точни и навремено ажурирани податоци. Пресекот што го направивме не е табела што ќе застари за шест месеци, туку напротив, мапирањето на човечките ресурси веќе го воведуваме како динамичен инструмент на Министерството за здравство, кој во секој момент ќе дава аналитички пресек на дистрибуцијата на човечките ресурси во здравството. Како министер, верувам дека системите може да се менуваат само откако ќе се измерат и затоа во иднина ќе можеме да го следиме движењето на човечките ресурси во здравствениот систем, од пензионирања, нови вработувања, специјализации, до префрлувања од една во друга здравствена установа - рече Алиу.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот