Од МОН велат дека учебниците добиле позитивно стручно мислење од БРО, а оттаму дека ги оцениле рецензентските комисии именувани од МОН.
По осум години поминати без учебници, најавите дека годинава ќе ги добијат донесоа олеснување и надеж кај наставниците по англиски јазик во основните училишта. Но, откако пристигнаа, разочарувањето се врати. Велат дека повторно мора сами да се снаоѓаат со наставни материјали за да ги предадат лекциите зашто учебници исто како да немаат. Наставниците реагираат дека од прво до деветто одделение учебниците не соодветствуваат со наставната програма на Бирото за развој на образованието.
Наместо да помагаат, им ја отежнуваат работата на наставниците
Прашањето на повеќето наставници е која е целта на учебниците ако не можеме да ги користиме?
- Како наставници по англиски јазик, сакаме јавно да истакнеме дека учебниците што ни се доставени се неприспособени на наставната програма на Бирото за развој на образованието. Дури и со сите дневни подготовки, сценарија и програми што ги добивме од издавачките куќи, немаме можност да ги користиме учебниците како што треба? Осум години немавме учебници по англиски јазик и кога конечно министерката најави дека ќе стигнат, очекувавме да добиеме алатка која ќе ни помогне, особено за наставници што работат во подрачни училишта и предаваат повеќе програми истовремено. Подготовката на часовите, како и изборот и приспособувањето на текстовите за соодветна возраст и јазична точност е невозможна, со оглед на тоа што ние сме наставници, а не лектори. Ова остава чувство на бесмисленост, односно учебници што не можеме да ги користиме и не ни помагаат во наставата, туку само ни ја отежнуваат работата - реагира поголема група наставници кои предаваат во основни училишта низ повеќе градови во државата.
Учениците повеќе користат други материјали отколку учебниците
Ученици потврдуваат дека повеќе учат од таблата, печатени материјали и од други нагледни средства на наставниците отколку од учебниците. Родителите посочуваат дека им е важно децата да го совладаат јазикот, но прашуваат што во ситуација кога ученикот отсуствува, од каде да го надополни знаењето кога материјалот го нема во учебникот?
- Нашиот син беше болен цела недела и попушти многу часови. Се обидовме да му помогнеме да го совлада пропуштеното. Но, наидовме на проблем затоа што лекцијата ја немаше во учебникот. Во пресрет ни излезе наставничката и ни ги испрати материјалите. Но, останавме збунети – зошто има учебници ако во нив ги нема лекциите - вели Сања Милевска од Велес.
МОН досега не добило официјален допис за недостатоци
Од Министерството за образование (МОН) велат дека досега немаат примено официјален допис за недостатоци во учебниците по странски јазик, вклучително и за учебниците за прв странски јазик – англиски.
- Учебниците по англиски јазик се во употреба со Решение за одобрение од директорот на Педагошката служба. Директорот го носи Решението врз основа на стручното мислење со предлогот за одобрување од Комисијата за стручно вреднување на учебниците по странски јазик и позитивно стручно мислење од Бирото за развој на образование (БРО). Наведените учебници имаат позитивно стручно мислење од БРО, како и од Комисијата за стручно вреднување на учебници по странски јазик - велат од МОН.
Од БРО велат дека одобрените учебници се во согласност со програмата
Според БРО, наставната програма по англиски јазик е изработена според Заедничката европска јазична рамка (CEFR) и точно го дефинира нивото на јазична компетенција што треба да го постигнат учениците (А1, А1+, А2 итн.).
Наспроти тврдењата на наставниците, од БРО веруваат дека учебниците се во согласност со наставните програми и со предвидените нивоа на познавање на јазикот бидејќи во процесот на рецензија и одобрување се земало тоа предвид.
- Изборот на темите и начинот на организација во учебникот не претставуваат пречка за реализација на наставната програма затоа што програмата не ги пропишува темите, туку ги дефинира јазичните цели, граматичките категории, лексиката и комуникативните функции што треба да се совладаат - ни одговорија од БРО.
Оттаму додаваат дека наставникот, врз основа на програмата, ја планира и организира наставата, ги избира содржините и активностите што најдобро ќе овозможат постигнување на поставените цели. Доколку некои теми не соодветствуваат целосно со програмата, тој може да ги адаптира или замени, секако во рамките на програмата и на нивото на јазичната компетенција.
На нашето прашање врз основа на која одлука овие учебници се пуштени во настава, од БРО ни одговорија дека била спроведена постапка за избор, согласно важечката законска и подзаконска регулатива.
- Рецензентските комисии, именувани од страна на Министерството за образование и наука, при оценувањето се раководат од наставната програма и од нивото на јазична компетенција утврдено во неа. Токму затоа се смета дека одобрените учебници се во согласност со наставните програми на БРО - стои во одговорот.
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.