X
 29.10.2020 Наша тема

Сите што побарале, добиле нови. Се планира нов закон за учебници за основно и средно, велат од МОН

Од МОН побаравме одговори на повеќе прашања поврзани со дотраените учебници откако на анонимната анкета објавена на Факултети.мк и на Деца.мк добивме одговори од многу разочарани родители, наставници и ученици

Сите учебници што ги побарале училиштата зашто постојните биле оштетени од претходните генерации се испечатени и дистрибуирани, тврдат од Министерството за образование и наука. Од МОН побаравме одговори на повеќе прашања поврзани со дотраените учебници откако на анонимната анкета објавена на Факултети.мк и на Деца.мк добивме разочарувачки ставови од многу родители, наставници и ученици.

„Јас одговарам како наставник. Веќе 10 години немаме добиено учебници од 4. и 5. одд., македонски јазик и општество, а од 6. до 9. одделение по сите предмети, освен математика и природни науки“, е еден од одговорите на читателите.

Во Македонија сите ученици од 1. до 3. одделение секоја година добиваат нови комплети учебници. Така, поплаките од анкетираните читатели се однесуваат на учебниците од 4. до 9. одд. и за средно образование. Од МОН велат дека вкупно 111 основни училишта побарале нови учебници врз основa на оштетеност и тврдат дека сите се веќе испечатени и дистрибуирани.

- Учебниците се печатат или откупуваат за потребите на учениците пред почетокот на секоја учебна година во тираж кој е побаран од страна на училиштата. Поради неуспешни јавни набавки за печатење на учебници кои се во сопственост на МОН, не се печатеа учебниците во периодот од 2016 до 2018 година. За учебната 2019/2020 година се печатени сите учебници што се во сопственост на МОН, а кои беа побарани од страна на училиштето. Истото се однесува и за оваа учебна година - велат од МОН.



Родители велат дека наставниците им праќаат електронски учебници по е-пошта. Бидејќи учениците не добиле хартиени учебници, многу родители одлучуваат сами да ги печатат, зашто децата, особено тие од пониските одделенија, тешко се снаоѓаат само со електронски учебници.

- Разликата е огромна. Годинава првпат користиме исклучиво електронски учебници, дури и по мајчин, македонски јазик. Добија само два учебника со работни тетратки, сосема нови. Сè друго ни испратија на е-пошта. Помина еден месец, а учебници немаат добиено. Како родители, веќе се организираме да им ги печатиме за да им олесниме на децата - вели татко на ученичка во петто одделение од Скопје.

Состојбата не е секаде иста. Има ученици на кои им недостигаат по еден или два учебника, некој ги добил сите. Од МОН велат дека за оние ученици што следат настава од далечина, согласно планот за организација на учебната 2020/2021 година, училиштето изготвува печатени материјали кои ги преземаат родителите во соработка со наставникот/класниот раководител/образовниот асистент.
- Доколку се наложуваат непотребни трошоци за родителите/старателите, за тоа може да се достави претставка до Државниот просветен инспекторат - децидни се од МОН.



Законската регулатива овозможува по петгодишна употреба да се обнови целосен тираж на одобрениот учебник (од 4. до 9. одделение и во средно образование). И покрај сè, очигледно е дека има многу проблеми со учебниците и во изминатите години и оваа учебна година. На прашањето како ќе се надминат, од МОН велат:

- Со донесување нов закон за учебници за основно и средно образование, кој е во план, ќе бидат надминати сегашните предизвици.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема