Првпат во македонскиот здравствен систем се креира предиктивен модел кој со употреба на алатките на вештачката интелигенција ќе може да ги предвиди компликациите по трансплантација на матични клетки кај пациентите. Моделот во иднина ќе може да се примени во клиничката практика и значително ќе го намали морталитетот поврзан со трансплантацијата.
Подетално, станува збор за иновација која ќе може да го предвиди ризикот за појава на акутната форма на болеста калем против домаќин по алогена трансплантација на хематопоетски матични клетки, преку користење на методите на машинското учење.
Тимот кој стои зад иницијативата
На развојот на моделот работат тројца македонски истражувачи - две докторки од Македонија и професор од САД.
Проф. д-р Кристе Крстовски е истражувач на Институтот за наука за податоци (Data Science Institute) на Универзитетот „Колумбија“ во САД. Тој е и вонреден професор на Бизнис-школата Колумбија (Columbia Business School) каде што предава на трет циклус студии за машинско учење (machine learning) и обработка на природен јазик (natural language processing - NLP).
Проф. д-р Александра Пивкова-Велјановска е интернист, супспецијалист хематолог на Универзитетската клиника за хематологија во Скопје, шеф на одделот за трансплантација на хематопоетски матични клетки и професорка на Медицинскиот факултет при УКИМ на катедрата по интерна медицина.
Асистент д-р Тара Мојсовска, магистер по јавно здравство, е шеста година специјализант по хематологија. Вработена е на УК за хематологија во Скопје, а паралелно е на докторски студии од областа на клиничка медицина - хематологија. Асистент e на катедрата по интерна медицина на Медицинскиот факултет при УКИМ.
- Оваа иницијатива претставува пример како интердисциплинарната соработка помеѓу медицината и технолошките науки може да донесе конкретни придобивки за пациентите во Македонија - велат тројцата истражувачи.
Што е алогена трансплантација?
- Трансплантацијата на хематопоетски матични клетки во македонското здравство се применува 25 години. Таа претставува најсложена биолошка интервенција во хуманата медицина, при што клетките на пациентот се заменуваат со матични клетки на здрав дарител. Целта е лекување на болести како што се: леукемија, мултипен миелом, лимфоми, апластична анемија, миелопролиферативни заболувања и друго - истакнува тимот кој го развива моделот.
Што претставува акутната форма на болеста калем против домаќин (GvHD)?
Акутната форма на болеста калем против домаќин (англ. Graft-versus-Host Disease, GvHD) претставува една од најсериозните и најчести компликации по алогена трансплантација на хематопоетски матични клетки. Се јавува кога имунолошките клетки добиени од дарителот (калемот) почнуваат да го напаѓаат организмот на примателот (домаќинот), препознавајќи ги неговите клетки како туѓи. Оваа форма се јавува во текот на првите 100 дена по трансплантацијата и може да се манифестира со кожни исипи, дијареја, покачени ензими на црниот дроб, треска и општа слабост и премаленост.
- Иако пациентот добива имунолошки „нов систем“ со трансплантацијата, тој нов систем не секогаш „соработува“ со телото. Степенот и тежината на болеста варираат од лесни облици до животозагрозувачки состојби. Според статистиките, акутна GvHD се јавува кај 30-50 % од пациентите по алогена трансплантација, особено кога дарителот не е сроден. Современата медицина применува имуносупресивна терапија (терапија која го намалува одговорот на имунолошкиот систем) за да го спречи или ублажи развојот на GvHD, но со тоа и да го зголеми ризикот од инфекции и други компликации - посочуваат истражувачите.
Нови хоризонти во медицината со помош на вештачката интелигенција
Машинското учење, како гранка на вештачката интелигенција, овозможува компјутерските системи да анализираат големи количини на податоци, да откријат скриени обрасци и да носат прецизни предвидувања со минимална човечка интервенција.
- Во овој проект алгоритмите ќе се развиваат врз база на клинички податоци, генетски маркери и трансплантациски карактеристики за да создадат персонализиран профил на ризик за секој пациент. Ваквите модели не само што ќе помогнат за навремена интервенција, туку и ќе придонесат за значително намалување на морталитетот поврзан со трансплантацијата - истакнуваат од тимот експерти.
Овој пионерски подвиг првпат пред стручната фела беше презентиран на првата заедничка годишна конференција на докторски студии на УКИМ во мај годинава.