X
 23.01.2019 Наша тема

Учебници нема. Кој век сме за сѐ уште да им диктираме на средношколците?

Јас не можам на децата секојдневно да им печатам материјали на свој трошок, ниту пак учениците треба да даваат пари за тоа оти има секакви семејства. Затоа го диктирам тоа што сметам дека е најважно да се научи од материјалот, посочува професорка од средно туристичко училиште


Второто полугодие, кое почнува денеска, професорите и учениците ќе го пречекаат со сличните предизвици како и на почетокот од учебната година. Добар дел од професорите во средните стручни училишта ќе продолжат да им диктираат на учениците оти немаат учебници по предметот што го предаваат. Поразговаравме со професори од различни струки за тоа како ја реализираат наставата во вакви услови.
Кога не постои учебник, наставникот вложува голем труд за да го пренесе своето знаење, но резултатите не се задоволителни. Живееме во време на компјутери и технологија, а сѐ уште диктираме лекции како пред 20 години. Учениците пишуваат механички, без посебно внимание и интерес и се жалат дека на крајот од наставата се уморни, вели професорка од средно козметичко училиште која предава пет предмети.


Учениците фотокопираат

Таа посочува дека за дел од предметите има учебници, а за дел нема.

- Во програмите за работа имаме посочено стручна литература, но има голема разлика во креирањето на час по предмет каде што децата имаат учебник и пишуваат краток план во споредба со предмет каде што немаат книга и наставникот ги диктира лекциите за учениците да имаат материјал за учење. Пред неколку години имаше конкурс за пишување учебници и за многу предмети се напиша и се користат, но сѐ уште има предмети каде што користиме странска литература, главно српска или хрватска. Наставниците сами ги набавуваат учебниците и ги преведуваат и обработуваат лекциите, што и не е некој голем проблем. Затоа, наставниците на часовите имаат и однапред подготвен материјал за интерна употреба кој учениците треба да го фотокопираат, а тука произлегува и друг проблем. Поодговорните ќе соработуваат, а еден дел нема да одговорат на задачата зашто се неодговорни, незаинтересирани или, пак, не можат да одвојат пари кога има поголем материјал - вели професорката.
Речиси во сите струки од средно стручно образование ова е горлив проблем. Има и професори што повеќе ја користат технологијата и материјалите им ги праќаат на учениците по е-порака или им ги печатат.

Тешко постигнуваме успех

Матурантката Кристина Митевска од СУГС „Марија Склодовска-Кири“ од Скопје, која е медицински лаборант, ни го сподели искуството на својата генерација за тоа како учат. Таа вели дека во нејзината струка има 11 предмети, а имаат пет учебници (македонски, англиски, бизнис, спорт и граѓанско образование).

- Повеќето професори ни предаваат од скрипти или од други помагала наменети за медицински факултет. По предметите по кои немаме учебници тешко е да се постигне само со пишување во тетратки бидејќи е премногу теорија и иако сме медицинска насока, би требало да постојат и учебници што би ни го олесниле начинот на учење, а така не би пишувале толку многу. Некои предмети содржат поими со кои првпат се среќаваме и имаат специфичен начин на изговарање, бидејќи учиме за болести, паразити и многу други поими поврзани со нашата насока - ни раскажа матурантката.


Готови учебници – ги немаме на виделина

Поразговаравме со професорката Емилија Димитрова од средното градежно училиште „Здравко Цветковски“ од Скопје. Таа ни рече дека за сите предмети што ги предава во стручното образование, насока градежен техничар, учебници биле напишани пред неколку години, но не сите учебници се испечатени.
- По профили издадени и напишани книги за стручни предмети состојбата е следна: градежен техничар - 80% нови учебници напишани и издадени и 20% напишани, но не се издадени (причините не ни се познати), архитектонски техничар - 30% нови учебници напишани и издадени и 70% напишани, но не се издадени (причините не ни се познати, геодетски техничар 10% нови учебници напишани и издадени, техничар дизајнер за внатрешна архитектура е релативно нов профил кој постои седум години и, колку што знам, за него не се напишани учебници - објаснува Димитрова.

Таа вели дека не го избира методот на диктирање на материјалот.
- Можно е само да се запишуваат битни податоци. Многу мал дел од наставниците го диктираат материјалот, колку што знам. Најчесто им го праќам материјалот што сум го предавала (презентации, задачи и текстови) и веб-страници на е-порака - вели професорката.

И стручната литература од областа на туризмот е дефицитарна. Професорка со 20-годишно искуство во средното туристичко училиште ни објаснува дека нема ниту еден учебник за предметите што ги предава или има некои многу стари што речиси се неупотребливи.
- Не добиваме ниту насоки за тоа која литература да ја користиме. Постојано ни се кажува дека не смееме да диктираме, а не добиваме никакви насоки од кои учебници да користиме литература. Јас не можам на децата секојдневно да им печатам материјали на свој трошок, ниту пак учениците треба да даваат пари за тоа оти има секакви семејства. Затоа го диктирам тоа што сметам дека е најважно да се научи од материјалот - посочува професорката.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема