X
 23.11.2025 Живот

Клинички психолог открива зошто сме суеверни и како тоа влијае врз нашите одлуки

Зошто чукаме во дрво за „не дај боже“, веруваме дека ако црна мачка ни го пресече патот, ќе доживееме несреќа, веруваме дека нема да имаме 7 години среќа ако скршиме огледало? Психолозите велат дека овие нешта се ритуали со кои изразуваме суеверие. Иако сме свесни дека нема ништо натприродно во тоа, суеверијата можат да влијаат врз начинот на кој се однесуваме и што мислиме за среќата и животот воопшто. Па зошто им веруваме, објаснува д-р Сузан Алберс, клинички психолог од Кливленд.

Што се суеверија?

-Суеверијата се верувања или ритуали кои поврзуваат одредени дејства, предмети или ситуации со добра или лоша среќа - како гледањето во ѕвезда што паѓа со остварување желба, избегнување на бројот 13 или носење одредена маица секогаш кога игра нашиот омилен спортски тим. Но, научно гледано, нема докази дека суеверијата функционираат. Важно е дека овие верувања влијаат врз нашата емоционална страна, која често ги надминува логиката и разумот - објаснува д-р Сузан Алберс.

Кои се најчестите суеверија?


Сите култури и општества имаат свои суеверија кои се пренесуваат од генерација на генерација. Д-р Алберс истакнува дека тие можат да се применат во речиси сите сфери од животот, вклучувајќи:

-Суеверија за домот: „Не ставајте ја чантата на подот бидејќи ќе немате пари“.

-Суеверија за љубовта и врските: „Ако двајца луѓе ја фатат кваката на вратата истовремено, ќе станат пар“ или „Ако ве чеша левата дланка, ќе изгубите пари, а десната рака - ќе добиете пари“.

-За среќа - „Чукни три пати во дрво“.

- Суеверија за лоша среќа: „Ако ви се скрши огледалото, ви следуваат седум години лоша среќа“.


Психологијата зад суеверијата

Суеверијата служат за нашиот мозок да се чувствува побезбедно и опуштено.

-Нашиот мозок е програмиран да препознава шеми и да ги развива. Ни се допаѓа кога можеме да видиме причина и последица, дури и кога ја нема. Суеверијата ни помагаат да го разбереме светот подобро и нè прават да се чувствуваме побезбедни - вели д-р Алберс.

Суеверијата се пример за когнитивна пристрасност, наречена потврдна пристрасност. Кога верувате во суеверија, често барате докази што ги поддржуваат, вели д-р Алберс

-Кога мозокот несвесно ја скенира околината во потрага по информации што го потврдуваат она во што верувате, тогаш игнорира сè друго - објаснува д-р Алберс.

Може ли склоноста кон одредени суеверија да биде корисна?

Според мислењето на истражувачите за суеверија:

-Можат да помогнат во намалувањето на анксиозноста;

-Можат да ја зголемат самодовербата;
-Можат да нè поврзат со нашата култура.

Ризиците од верувањето во суеверија

Преголемото потпирање на суеверијата има свои негативни страни. Овие верувања и ритуали можат:

-Да ги исплашат или збунат децата: децата обично буквално ги сфаќаат суеверијата. Затоа е важно да се биде јасен во комуникацијата и да им се помогне да разберат дека овие верувања не треба да предизвикуваат страв или грижа, нагласува д-р Алберс.
-Да придонесат за анксиозност: некои луѓе почнуваат да чувствуваат голема анксиозност кога нивното суеверно однесување не „функционира“, што може да создаде анксиозност наместо да ја ублажи, вели д-р Алберс.
-Да преминат на други проблеми со менталното здравје: понекогаш потпирањето на суеверно однесување може да се претвори во фобии или да игра улога во опсесивно-компулсивно нарушување.

-Ако нашето суеверно однесување почне негативно да влијае врз квалитетот на нашите животи, одземајќи многу од нашето време, енергија или пари - време е да разговараме со професионалец за ментално здравје - советува д-р Алберс.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот