Една нова студија посочува дека не е потребно долго време за исхраната која не содржи производи од животинско потекло да го забави биолошкото стареење, при што срцето, црниот дроб и хормоналните и воспалителните системи имаат корист од привремената промена.
Истражувачи од Медицинскиот факултет на Универзитетот „Стенфорд“ ја анализирале стапката на метилација на ДНК - еден вид реверзибилна генетска модификација, која често се користи како показател за тоа колку брзо се истрошува и старее телото.
Меѓу групата од 21 пар идентични близнаци, еден од секој пар се придржувал на веганска исхрана во текот на осум недели, додека исхраната на близнакот вклучувала месо и млечни производи. По тоа време оние што консумирале веганска исхрана покажале намалување на процените на биолошката возраст.
- Оваа студија покажува дека краткорочната веганска исхрана е поврзана со епигенетските придобивки за возраста и намалениот внес на калории - пишуваат истражувачите во нивниот објавен труд.
Релативно помалку биолошко стареење е забележано кај срцето и црниот дроб, како и во ткивата што ги сочинуваат хормоналните, воспалителните и метаболичките системи, што укажува на тоа дека телото не старее толку брзо со веганската исхрана. Невеганската исхрана, пак, вклучувала 170-225 грама месо, едно јајце и една и пол порција млечни производи секој ден.
Во двете групи, учесниците јаделе подготвени оброци во првите четири недели, а потоа оброци кои сами ги правеле врз основа на советите на нутриционистите во вторите четири недели, така што и двете исхрани се сметале за здрави. Покрај разликите во ДНК маркерите, оние на веганска исхрана исто така изгубиле во просек два килограми повеќе од другата група, што го отежнува исклучувањето на влијанието на калориското ограничување или губењето на тежината врз набљудуваното биолошко стареење.
Има некои предупредувања што треба да се имаат на ум: студијата вклучува релативно мала големина на примерок и не го зема предвид ризикот од недостиг на хранливи материи, што може да се појави заедно со исхраната базирана на растенија на подолг рок.
Истражувачите признаваат дека врската помеѓу исхраната и биолошкото стареење останува нејасна. Сè уште нема докази дека веганите живеат подолго. Сепак, ова е интересен увид во тоа колку брзо промените во исхраната можат да доведат до позитивни влијанија во телото.
- Идните истражувања треба да ги истражат долгорочните ефекти на веганските диети врз епигенетското здравје и целокупната благосостојба, земајќи ја предвид важноста од правилното дополнување на хранливи материи - пишуваат истражувачите.
Извор: sciencelaert.com
Фото: Freepik