X
 24.02.2025 Колумни

Колумна: Предизвиците за пристојна работа во Македонија

Една од одржливите развојни цели на Обединетите нации е промовирање одржлив и инклузивен економски раст преку целосна и продуктивна вработеност и пристојна работа за сите. Со поимот „пристојна работа“ се обединуваат аспирациите на луѓето во нивната работа и живеење. Тој ги вклучува можностите за продуктивна работа преку која се остваруваат фер приходи, сигурност на работното место, подобри перспективи за личен развој и социјална интеграција. Освен тоа, пристојната работа вклучува слобода за изразување на сопствените потреби, организирање и учество во донесувањето одлуки кои се одразуваат врз нашите животи, како и еднаквост во можностите и третманот на сите жени и мажи.

Продуктивната вработеност и пристојната работа се клучни елементи за постигнување праведна глобализација и намалување на сиромаштијата. Затоа, кај меѓународните креатори на политики постои растечка итност, особено во услови на зголемен ризик од глобални кризи, за обезбедување квалитетни работни места со соодветна социјална заштита и почитување на работничките права за постигнување одржлив и инклузивен економски раст. Во овој контекст, Меѓународната организација на трудот развива агенда која се однесува на креирање работни места, работнички права, социјална заштита и социјален дијалог, со родова еднаквост како трансверзална цел. Агендата за пристојна работа се заснова на четири столба: креирање вработеност, социјална заштита, право на работа и социјален дијалог.

Меѓународната организација на трудот (МОТ) за секоја земја поединечно изготвува Програма за пристојна работа како планска рамка за обезбедување поддршка на земјите членки. Ваквата програма користи пристап на менаџирање заснован врз резултати (result-based management – RBM) кој е усвоен од МОТ во рамката за соработка. Таа претставува среднорочен план кој ги идентификува приоритетите и целите кои се развиени и прифатени од Владата, синдикалните организации и работодавците, кои претставуваат еден вид водич за работата на МОТ во конкретната земја. Тековната Програма за пристојна работа за Македонија се однесува за периодот 2023-2025 година, изготвена во консултации со социјалните партнери со цел гарантирање на правото на работа, креирање вработеност и промовирање социјален дијалог. Оваа програма е синхронизирана со другите национални стратешки документи како што се: Националната стратегија за вработување 2021-2027, Програмата за економски реформи 2023-2025, Планот за имплементација на гаранција за млади 2023-2026 и Акцискиот план на Економско-социјалниот совет 2023-2025.

Главни предизвици на кои се осврнува Програмата за пристојна работа во Македонија се недоволни можности за вработување, неадекватна заработувачка, непродуктивно работење, недостиг на стабилност и сигурност на работата, нееднакви можности и третман при вработување на жените и мажите, небезбедно работно опкружување, вклучувајќи родово засновано насилство и вознемирување на работа и недостиг на глас преку застапување. Програмата ги третира овие недостатоци на пристојна работа преку подобрување во функционирањето на пазарот на труд и преку креирање нови подобри работни места во согласност со меѓународните трудови стандарди. Врз основа на искуствата од претходната соработка со МОТ, тековната програма се фокусира на следниве два приоритети: Инклузивен пазар на труд преку зајакнат социјален дијалог; и Повеќе подобри работни места за инклузивен раст и подобри перспективи за вработеност на младите жени и мажи.

Колективното договарање во Македонија е недоволно развиено, а во голем број сектори целосно отсуствува. Како последица од отсуството на синдикални активности, само мал број субјекти имаат склучено колективни договори на ниво на компанија или гранка. Иако на национално ниво постои покриеност со колективни договори и во јавниот и приватниот сектор, состојбата на ниво на гранка е сосема поинаква. Имено, бројот на колективни договори на ниво на гранка и покриеноста на ниво на работодавец е низок. Во практиката, колективните договори не се применуваат при директно остварување на индивидуалните права кај работодавецот, а слично е и при судските спорови, поради тоа што се смета дека колективниот договор е „потчинет“ на законите. Исто така, и свеста за улогата и значењето на колективното преговарање и можноста за ефикасно уредување на работните односи со колективен договор има можности да биде подобрена, како во поглед на нивно донесување така и во однос на примената и контролата. Покриеноста на работниците со колективни договори во 2022 година изнесуваше 49%, а според Програмата за пристојна работа, би требало да се зголеми за два процентни поени до крајот на 2025 година. Главен ризик во постигнување на планираниот исход е потенцијална смена во приоритетите на социјалните партнери во однос на потребните подобрувања на правните инструменти за подобро справување со колективното преговарање и спогодбено решавање на трудови спорови.

Системот за колективно преговарање и склучување колективни договори во Македонија има цел изградба на трудово-правни односи преку социјален дијалог. Сепак, во многу економски сектори членството во соодветните организации е на ниско ниво, а способноста за адресирање прашања за работните услови и потребите на компаниите преку колективно договарање и другите форми на социјален дијалог е ограничена. Системот за колективно преговарање во најголем дел е правно уреден со Законот за работни односи, кој ги утврдува најважните прашања во врска со преговорите, склучувањето, важењето, содржината, репрезентативноста, примената и споровите во врска со колективното преговарање. Во овој контекст, потребен е систематски пристап во застапувањето на синдикалните организации преку оцена на потребите на членовите и натамошен развој на понудени услуги. Стапката на членство во синдикални организации во 2020 година изнесуваше само 16,7% а целта на Програмата за пристојна работа е до крајот на 2025 година да се зголеми на 20%. Главен ризик за постигнување на оваа целна вредност е нискиот досег на синдикалните организации до нивното членство, како и потенцијалните членови. Затоа, неопходна е натамошна поддршка од страна на МОТ во стратегиско планирање на комуникацијата која би обезбедила подобро таргетирање на постојните и идни членови.

Хармонизирана трудова легислатива со меѓународните трудови стандарди и европското законодавство претставува обврска на Македонија како земја членка на МОТ и клучен елемент во идните преговори за членство во ЕУ. Во овој контекст, неопходно е трипартитно учество во изготвување на нацрт-законските решенија, како и во процесот на ратификација и имплементација на конвенциите на МОТ. Според Програмата за пристојна работа, се очекува до крајот на 2025 година 80% од препораките на МОТ да бидат пренесени во новата трудова легислатива. Потенцијален ризик во постигнување на оваа цел повторно е неконзистентноста во политичките заложби на социјалните партнери во земјата.

За обезбедување пристојна работа, исто така, неопходна е имплементација на Националната стратегија за вработување, која во соработка со социјалните партнери е донесена за периодот 2021-2027 година. Оваа стратегија предвидува низа поврзани активности во сферите на образование и обуки, економски и претприемачки развој, како и политики на пазарот на труд за справување со предизвици од различни кризни состојби. Планираните буџетски средства за реализација на активностите предвидени со Стратегијата за вработување изнесуваат 32 милиони евра, од кои како целна вредност во Програмата за пристојна работа е најмалку 3% да бидат наменети за активни мерки за вработување. Сепак, како потенцијален ризик, се појавува недостигот на потребни ресурси, за што неопходно е трипартитно партнерство за континуирано стратешко мобилизирање на ресурси.

За обезбедување пристојна работа на младите, како и услови за натамошен кариерен развој, неопходно е имплементирање на Планот за младинска гаранција 2023-2026. Оваа програма првпат беше воведена како пилот-проект во 2018 година, а продолжи успешно да се развива во наредниот период преку вклучување значителен број млади лица кои не се вработени, ниту се во образование и обука. Оваа мерка им овозможува на младите лица до 29-годишна возраст да добијат соодветна понуда за работа, да го продолжат своето образование или да бидат вклучени во некоја од активните програми и мерки за вработување, во период од 4 месеци по нивното евидентирање како невработени лица во Агенцијата за вработување. Процентот на млади што не се вработени, ниту се во образование и обука во 2022 година изнесуваше 24,2%, а Програмата за пристојна работа предвидува намалување за три процентни поени до крајот на 2025 година. Во овој поглед, како потенцијален ризик се јавува намалениот ангажман на младинските организации, за што е неопходна нивна внимателна селекција и таргетирање.

Најголем ефект врз обезбедувањето пристојна работа се очекува преку зголемена конкурентност на компаниите, што би се постигнало со подобри работни услови и примена на принципитe за правична транзиција. За постигнување на тоа, потребно е решавање на структурните предизвици кои долго време се провлекуваат, како што се неадекватни вештини, лоши работни услови и ниска продуктивност. Освен тоа, екоиновациите и циркуларната економија добиваат клучно значење за зголемување на конкурентноста и вклучување во глобалните снабдувачки синџири. Затоа, неопходни се специфични интервенции со цел обезбедување секторска трансформација и надградба која ќе води кон нови и подобри работни места. На ова место треба да се истакне квалитативната димензија на работните места што ги опфаќа работните услови, транзицијата кон формално работење и намалување на родовата нееднаквост. Една од алатките што се очекува да придонесат кон секторски развој и зголемување на конкурентноста на компаниите е Стратегијата за паметна специјализација. Оваа стратегија вклучува мерки за унапредување на иновативниот екосистем, промовирање на претприемништвото, зајакнување на пристапот до финансии и подигнување на истражувачките способности. Секако, во овој домен постојат и одредени ризици, како што е недоволното ангажирање на компаниите, за што неопходно е да се направи оцена на нивните потреби и соодветно таргетирање преку услугите за поддршка. Сепак, за остварување на целите на Програмата за пристојна работа, најважно е активното вклучување на сите социјални партнери и нивна координација во постигнување на заедничките социо-економски развојни цели.

Автор: проф. д-р Димитар Николоски, Економски факултет - Прилеп, УКЛО

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни