Светот има потреба од пристапни автомобили, а ретро „југото“ би можело совршено да ја пополни таа улога.
Популарната веб-страница „Карскупс“ пишува дека „југото“ е еден од најпознатите мали хечбек-модели во Европа, запаметен не толку по своите перформанси колку по екстремно ниската цена и уникатниот карактер.
Иако го нема на патиштата речиси две децении, можно е негово враќање.
Кој стои зад оживувањето на „југото“?
Оригиналното „југо“ го произведуваше српската компанија „Застава автомобили“, која одамна престана да постои. Сепак, новиот проект го предводи проф. д-р Александар Бјелиќ од Германија, искусен маркетинг-експерт.
Бјелиќ ги обезбедил правата на името „југо“ и се здружил со српскиот дизајнер Дарко Марчета за да создадат модерна верзија на автомобилот, која ќе остане верна на своето наследство.
Како ќе изгледа новото „југо“?
Првите дизајнерски концепти покажуваат дека новото „југо“ ќе остане модел со три врати, исто како и оригиналот. Ќе ги комбинира ретро и модерните елементи, задржувајќи го препознатливиот изглед, но со современи карактеристики како ЛЕД-фарови, поголеми тркала и редизајнирани задни светла.

Фото: Yugo Brand
Поради строгите безбедносни стандарди, новиот модел ќе има и поцврста каросерија со засилени потпори.
Медиумите пренесуваат дека Бјелиќ постигнал договор за користење на веќе постојната автомобилска платформа од засега непознат партнер, што значи дека нема да треба да се развива сосема нова архитектура. За споредба, оригиналното „југо“ беше базирано на „фиат 127“.
Прво бензинец, а подоцна и електрична верзија
Првата верзија на новото „југо“ ќе има бензински мотор за да остане достапен за купувачите со ограничен буџет. Подоцна можна е и електрична верзија, што би значело дополнителна модернизација, но со задржување на пристапната цена.
Дали „југото“ навистина ќе се врати?
Сепак, постои огромна разлика помеѓу скицирање автомобил и негово ставање на пазарот. Многу стартапи не успеаја да пласираат нови модели, а и идното „југо“ ќе мора да се продава добро за да преживее.
Останува да видиме дали овој легендарен балкански автомобил ќе добие втора шанса.
Извор:
6yka.com
Фото: Carscoops/Yugo Brand