X
 24.06.2021 Наука

Кубанските власти тврдат дека нивната вакцина „Абдала“ е 92 отсто ефикасна

Кубанската кандидат-вакцина „Абдала“ покажа ефикасност од над 92 отсто по три примени дози, соопшти нејзиниот производител, иако не прецизира дали ова било измерено против инфекција, болест или смрт.

Куба работи на пет вакцини против коронавирусот, а минатиот месец почна да го имунизира своето население користејќи две од нив, иако сè уште не се завршени клиничките испитувања.

Во понеделникот, лабораторијата „Биокубафарма“ на „Твитер“ објави дека „Абдала“, една од вакцините што веќе се во употреба, покажува ефикасност од 92,28 отсто со својата шема со три дози.

Светската здравствена организација постави 50-процентен праг на ефикасност за вакцините, кои нудат заштита од вирус или болест.

Објавата доаѓа два дена откако властите објавија дека „Соберана 2“, другата вакцина која ја развива Куба, е ефективна 62 отсто по првите две примени дози.

Куба беше релативно непогодена од епидемијата, но неодамна забележа нагло зголемување на случаите, регистрирајќи еден од најлошите денови во понеделникот со 1.561 потврден случај за 24 часа. До денес, Куба има повеќе од 169.000 случаи и 1.170 смртни случаи.

Под американски санкции, Куба има долга традиција на правење на свои вакцини што датира од 80-тите години. Речиси 80 отсто од нејзините вакцини се произведени локално.

Извор: Medicalexpress.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука