X
 24.09.2025 Наша тема

Дуња Иванова, наставник по пијано, доктор на филозофски науки и првак во планински велосипедизам: „Музиката и спортот прават прекрасна хармонија, а книгата е прапочеток на нештата“

„Музиката, спортот и книгата се најголем извор на енергија. Првите две се контрапункт една на друга, но заедно прават прекрасна хармонија, а од книгата тргнува сѐ, таа е прапочеток на нештата“, вели Дуња Иванова, наставник по пијано, доктор на филозофски науки и првак во планински велосипедизам 

Дуња предава пијано во средното и во нижото музичко училиште во Скопје, настапува под отворено небо и музиката е светот на кој постојано му се навраќа. Да ѝ кажеше некој пред пет години дека патеките низ планините ќе ги дели со најдобрите во велосипедизмот, ќе се насмееше и ќе се пошегуваше на сопствена сметка. Иванова донесе искра светлина во женскиот планински велосипедизам затоа што по нејзините стапки тргнаа неколку млади спортистки. 

Во интервју за Факултети.мк Дуња Иванова зборува за врската меѓу музиката, филозофијата и спортот, за изборот на пијаното, за работата со децата, за препреките во планинскиот велосипедизам, за несекојдневните пијано-концерти на отворено, како и за претстојното Светско првенство во маратон во Швајцарија.



Кога сфативте дека професионално ќе се занимавате со музиката?


- Музиката е дел од мојот живот уште од најраното детство, од моментите кога имам сеќавања за себе. Паметам за мојата љубопитност кон пијаното кое беше дел од нашето семејство, јас шестгодишно девојче, а мојата сестра средношколка во музичкото училиште, па така честопати ме ,,уценуваше“ да завршам некоја домашна обврска, а таа за возврат да ми покаже нова мелодија на пијаното...

Сепак, откако се запишав во нижото музичко училиште, исто како и моите врсници - барем оние што сериозно се зафатија со изучување на инструментот, сфатив дека тоа е нешто што ќе трае долги години и дека носам одлука да имам „работно време" секој ден, исто како и нашите родители. Изучувањето на инструментот е занаетчиска работа која не простува пропусти, не дозволува ноншалантен однос. Тој пат на музичкото описменување ве води од многу едноставна до сѐ посложена материја која суптилно го разгорува интересот и ја потхранува страста кон тоа да се научи одредена прекрасна композиција, што подразбира да се остане на инструментот по неколку часа секој ден. Таа дисциплина ме обзема и ме фасцинира со резултатите уште од најмали нозе. Музиката уште тогаш ја имаше моќта да ме пренесе во најразлични светови, во неа наоѓав утеха за сите детски грижи и таа врска со неа ме научи да си бидам доволна сама на себе. Музиката остана светот на кој постојано му се навраќам и не би одбрала ништо друго како алтернатива на мојата професија.



Како е да се работи со талентирани деца, претпоставувам преовладува меѓусебна конкуренција, има натпревар?

- Во децата се огледува сета надеж и сета животна радост. Со сите деца е убаво да се работи зашто секое дете е еден посебен, само свој и единствен свет. Талентот значи дека првите чекори едно надарено дете ќе ги прави малку полесно и побрзо од оние со не толку изразена дарба, но тоа не гарантира дека во иднина баш тој фактор ќе се покаже како пресуден за успех. Музикалноста, сепак, е неопходната компонента за да може детето да напредува, но со свое темпо и без фрустрации. Денес децата се преокупирани со голем број активности, па така на крајот ќе ,,приберат" од сѐ по малку, нo на тој начин е навистина тешко да се гради прогрес во една сериозна област каква што е концертната дејност. Без оглед колку се времињата променети, часовите поминати во дружба со инструментот, љубовта која едно дете низ годините ќе ја развива методолошки, спонтано и без притисок се пресудни за музиката да стане негова професија. Од друга страна, сѐ повеќе ми се допаѓа трендот детето да посетува часови по инструмент во духот на благородните семејства во минатото - како амблем на култура и воспитување.



Доктор сте по филозофски науки и професор по пијано. Како науката се испреплети со музиката и педагогијата?

- Главниот ,,виновник” да тргнам во потрага по еден за мене во тоа време нов свет е мојот почитуван професор Денко Скаловски, кој на студиите на ФМУ ни предаваше Филозофија на уметноста. Неговите предавања личеа на драмска претстава од која бевме обземени и со нетрпение го очекувавме продолжението. Таа година ја донесов одлуката дека ќе ја остварам мојата желба уште од средношколските денови - да учам паралелно и во гимназија покрај музичкото средно училиште, но во тоа време моите родители не ми дозволија - едноставно сметаа дека тоа е преголем и непотребен товар за едно 14-годишно девојче. По дипломирањето решив да запишам две магистратури на ФМУ и на Филозофскиот факултет, кои ги реализирав паралелно трчајќи од еден до друг факултет, со многу прочитани книги и долги часови и денови исполнети со сериозни рециталски програми на пијаното. Бев навистина среќна. Денес сум навистина горда на себе што сето тоа го обезбедив за себе како богатство кое никој никогаш не може да ми го одземе.



Често настапувате на алтернативни сцени, под отворено небо. Како реагира публиката надвор, има ли разлика во доживувањата?

- Евидентна е потребата на публиката сериозноста или вредноста на еден концерт да ја цени по неговото ,,пакување”. Да се биде присутен во одредена концертна сала со типичен дрес-код значи да се биде виден и долго да се зборува за тој еден концерт во годината. Сѐ уште, за жал, поради тие причини, дел од публиката на големите симфониски концерти не е свесна дека аплаузот помеѓу ставови е израз на незнаење и некултура. Но, како и да е, секоја посета на концерт е сепак едно големо добро за секого. Идејата да се извлече музиката надвор од концертната сала е токму тоа, напуштање на секоја формална подготовка како нужна за естетски вредно музичко доживување. Музиката надвор од концертната сала егзистира еднакво содржински, а притоа го ослободува слушателот од секакви предрасуди, овозможувајќи му чисто музичко доживување. Со публиката присутна на моите концерти во нестандардни простори и на различни временски услови сме успеале да воспоставиме заемна размена на емоции, на мисли со уникатни доживувања. Честопати пијаното го сместуваме буквално на сред улица, па така минувачите едноставно не можат да нѐ одминат, барем на неколку минути го имаме нивното внимание. И тоа е целта на таа вонконцептуална уметност, во услови кога не очекувате уметност, таа се исправува пред вас и ве тера да се вљубите во неа.



Ми падна в око една добра мисла од ваше претходно интервју: „Каде што има волја, ќе има и мотив“. Дали ова е врската помеѓу спортот и музиката?

- Тоа важи за секоја област од животот на човекот. Волја е потребна и само за да го започнеме утрото, или како што вели еден од најголемите песимисти во историјата на филозофијата, Артур Шопенхауер: ,,Суштината сама по себе на секоја појава, а со тоа и на целата природа, е ништо друго освен волја”.

Да ви кажеше некој пред пет години дека патеките низ планините ќе ги делите со олимпијци, шампиони кои се секогаш на врвот на светските листи, што ќе му одговоревте?

- Ќе се насмеев и ќе возвратев со неколку шеги на моја сметка.



Кој е најголем извор на енергија, спортот, музиката или книгата?

- Сите заедно. Без ниту една од нив мојот ден не би бил целосен. Музиката и спортот се контрапункт една на друга, нешто налик басот и мелодиските линии кои заедно прават прекрасна хармонија. А од книгата тргнува сѐ, таа е мојот прапочеток на нештата и да се биде во постојана врска со книгата значи да се остане доследен на сите семејни вредности, на сите мудрости и на личниот развој кој нема крај сѐ до последниот здив.

Каде се чувствувате најдобро, каде адреналинот е највисок?


- Иако пристапот за изучување на инструментот и подготовката на еден концерт е апсолутно идентичен и се пресликува со она што се случува во тренирањето велосипедизам, сепак, настапот на овие две „сцени“ е различен. Адреналинот на трките е секако на највисоко ниво и тоа доаѓа како резултат на задачата на овој хормон, а тоа е да те подготви за „борба“, односно да го мобилизира телото за брз одговор на стрес и екстремен напор каков што е случајот со велосипедските трки. За разлика од тоа, настапот на музичка сцена подразбира смирен фокус и влез во состојба на меѓупростор од каде што целата сложена материја испреплетена со личните идеи и емоции треба да ја пренесете на публиката.



Имате омилено музичко дело со кое се подготвувате за трка или пак го отсликува вашиот пат кон целта на трката?

- Секоја трка е различна и се пресликува во различна композиција. Но еве, за претстојното Светско првенство во маратон, кое наскоро ме очекува во Швајцарија и е со должина од 125 км и 5.000 м искачување, во мислите ми е ,,Болеро” од Морис Равел – музичка приказна чиј ритам ќе ми биде повеќе од потребен за натпревар кој ќе трае повеќе од 8 часа.

Планините се преубави, но и сурови на моменти. Најдобар и најтежок момент на трките?


- Годинешното Државно првенство во маратон кое се одржа на екстремни временски услови во Крушево и повредата на подлактницата на триесеттиот километар на Европското првенство во Италија, по што не можев да ја продолжам трката - се најтешките моменти годинава, додека секое влегување во целта на многубројните трки оваа сезона е успех по кој се чувствувам посилна. Бидејќи спортот, меѓу другото, е и за подиуми и медали, еве најдобрите моменти нека бидат среброто од Балканското првенство во БиХ, второто место од УЦИ маратонот во Шпанија и ранкингот на Светската ранг-листа помеѓу најдобрите 60 во светот, со што ја заслужив и нормата за настап на претстојното Светско првенство.



Се натпреварувате во неколку дисциплини со неколку различни велосипеди и веќе учествувавте на Светско првенство. Која дисциплина е најтешка и во која се пронаоѓате и сметате дека може да се постигнат најдобри резултати?

- Секоја дисциплина е тешка доколку не се тренира посветено, со срце и многу труд. Спортот бара конзистентност, а тоа во околности во кои тој не ви е примарна професија навистина е предизвикувачки. За мене, маратонот како дисциплина во последниве две години е главната определба, за што комплетно е променет пристапот и целосниот тренинг-план и тоа носи резултати. Тоа што го гледаме македонското знаме помеѓу првите шеесет женски натпреварувачки од над шестотини од целиот свет зборува доволно за успехот кој маунтинбајкот го носи за Македонија.

Без поддршка од тимот и Федерацијата, тешко е да се стигне до резултати. Колку Вашите успеси ја отворија вратата за младите велосипедисти, особено за девојките?


- Клубовите се срцето на секој спорт и од нив почнува сѐ. Сигурна сум дека заедно со ВК Енерџи и ВФМ успеавме да отвориме некои нови хоризонти за помладите и на моја голема радост сѐ почесто девојчињата се осмелуваат да застанат на стартната линија, но ние не треба да очекуваме масовност, туку квалитет. Нашата сцена е маргинална во споредба со екипните спортови, но од друга страна, индивидуалните спортови носат навистина големи меѓународни успеси. Со голем ангажман и поддршка од своите родители, како и од матичните клубови, искра светлина во развојот на женскиот планински велосипедизам во моментов се Оља Цветанова, Далија Стојановска...



Која мисла ви пролетува кога ќе го кренете македонското знаме на пиедесталот?

- Дека сме успеале да поместиме една мала планина за местото каде што ни е најубаво. Дома.

Многу е важно да се каже дека вие сте и мајка на две момчиња. Добивате ли поддршка од нив, кои беа првите зборови од семејството кога им кажавте дека ќе се натпреварувате на трки во планински велосипедизам?


- Навистина ме прави задоволна фактот што успеав животот да го организирам на начин на кој ќе поминувам доста време со моите деца. Желбата да растам покрај нив и со нив е нешто што секој ден ми ги буди најтоплите насмевки. Љубопитни се и среќни кога ќе им донесам дома медал иако се трудам да ги неутрализирам тие ,,победи” како нешто второстепено зашто целта на спортот или барем мојата цел не се само пиедесталите. Моето семејство, мојот партнер, ме поддржувале секогаш и за сѐ, дури и тогаш кога моите амбиции изгледале преидеалистични. Впрочем, кога некој човек го гледаш дека е среќен, а го сакаш вистински, неминовно е да му дадеш поддршка.



Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, надвор од овие услови или без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само со дозвола од редакцијата и со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема