X
 24.12.2021 Наша тема

Во пресрет на изложбата „Навезени спомени“ во Музејот на Македонија

Не бил случаен поривот на Блаже Конески да бара инспирација во македонскиот вез и да ја воспева македонската жена во песната „Везилка“. Везејќи, таа ги отсликувала културната меморија и колективниот идентитет на македонскиот народ

Во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, Музејот на Македонија ќе презентира една од своите најбогати и највпечатливи збирки, уметноста на македонскиот народен вез преточен на традиционалната народна носија. Заедно, книжевното и материјалното етнолошко културно наследство вткаени преку нишката на македонските везилки ни оставаат аманет за грижа и посебен однос за нивната заштита и презентација, а со тоа и негување на сопствените корени, традиција и културен идентитет. Станува збор за изложбата „Навезени спомени“, која во чест на Блаже Конески, а во рамките на целогодишната манифестација „Година на Конески“, по повод 100-годишнината од неговото раѓање, ќе биде отворена на 29 декември.



- Не бил случаен поривот на Блаже Конески да бара инспирација во македонскиот вез и да ја воспева македонската жена во песната „Везилка“. Везејќи, таа ги отсликувала културната меморија и колективниот идентитет на македонскиот народ. Преку везовите се раскажани најдлабоки чувства, извезени животни приказни проткаени со среќа и тага, со болка и радост, копнеж и надеж, решителност и храброст, стравови, сомнежи и јанѕи, чувства кои постојано се испреплетувале и се испреплетуваат во секој човек - велат организаторите на изложбата.

Според познавачите од Музејот на Македонија, изведбата на везот, со броење жици од платното и најчесто од опачината, подразбирала висок степен на познавање повеќе сложени и разновидни техники: полнеж, ќесме, кинатица, грабено, писано, лозено, нофтено, крвчиња, како и многу други поедноставни техники, од вкупно 64, кои нашата жена везилка ги применувала истовремено.



Инспирација за изложбата „Навезени спомени“ е познатата песна на Конески - „Везилка“, чии стихови и денес гласно одекнуваат:

Везилке кажи како да се роди
проста и строга македонска песна...
Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен.
...Судбинско нешто се плело за века,
од двете нишки, два созвучни збора,
едната буди темница што штрека,
другата буди вкрвавена зора...



Народните носии претставуваат специфична форма на традиционалната уметност во Македонија, кои со сета своја разноликост биле создадени во различни историски, политички, општествени и економски околности.

- Во периодите пред 19 и 20 век не постоеле подетални материјални докази за еволуцијата на културата на облекување. Одделните податоци што можеле да се најдат давале само оскудни информации, најчесто со изменето значење на одредени декоративни елементи на облекaта. Кон крајот на 19 и првата половина на 20 век секој дел од Македонија имал свој специфичен начин на облекување. Облеката најчесто била креирана од селски занаетчии, полупрофесионалци – абаџии и терзии, но само еден дел бил продаван по градовите. Накитот како најмоќен начин на визуелна експресија бил актуелен во сите заедници во Македонија. Младите жени и невести ги украсувале своите традиционални носии со накит со цел да го покажат својот материјален статус, но и за заштита од невидливите „зли сили“ - велат од етнолошкото одделение на Музејот.



Збирката на народни носии е најмногубројната и најразновидна текстилна музејска збирка во Музејот на Македонија. Ја сочинуваат 8.623 поединечни текстилни предмети, со постојано збогатување и надополнување. Се состои од поединечни делови од носии и везови од цела Македонија. Во најголем број ја сочинуваат облеки од македонското население, но голем е бројот на облеки и од другите етникуми, Албанци, Турци, Власи, Роми. Во постојаната етнолошка поставка се изложени 87 комплетни народни носии и покарактеристични поединечни. Предметите главно се од крајот на 19 и почетокот на 20 век.

- Народните носии на Македонија се најкарактеристичниот белег на културата на живеење на овие простори. Тие се врв во текстилното творештво, со многубројни сочувани напластени траги од минатото: старословенски, византиски, турско-ориентални, старобалкански и западноевропски. До средината на 20 век биле присутни повеќе од 70 различни народни носии. Главно ги изработувалe жените, а само понекои облеки се изработувале кај одредени селски занаетчии полупрофесионалци (абаџии, терзии). Мажите учествувале во правењето опинци од нештавена свинска или говедска кожа за целата фамилија.

Производите што служеле за дополнување на облеката, како накит, позамантерија, увозни ткаенини, оружје и др., се купувале од градот. Во градовите, во најголем дел, населението носело иста облека како во селските средини. Процесот на трансформација на носијата одел мошне бавно. Најпрвин почнале да се прифаќаат понекои облеки од турско-ориенталниот стил на облекување ала турка. По Првата светска војна промените се интензивираат, а во македонските градови сѐ повеќе доминира европскиот стил на облекување ала франга. Прифаќањето на промените не одело насекаде истовремено, туку се одвивало доста бавно и со различен интензитет, така што дури кон крајот на 50- 60-70-тите години ќе се воспостави еднолична слика во облекувањето на релацијата село-град - велат кустосите од Музеј на Македонија, Горан Костадинов и Горданче Видиниќ.



Изложбата „Навезени спомени“, која ќе биде отворена два дена пред крајот на оваа календарска година ќе биде убава завршница на „Годината на Конески“, која ја реализираа Министерството за култура, Министерството за образование и наука, Мини-стерството за надворешни работи, под покровителство на претседателот Стево Пендаров-ски.

Се организираа голем број настани, како на пример, во март во седиштето на УНЕСКО во Париз високи дипломати читаа негова поезија, во април беше пуштена во оптек поштенска марка со неговиот лик, во јули беа промовирани аудиовизуелни записи од
неговата поезија. Во Кинотеката во септември имаше проекции на документарни филмо-ви во негова чест, а беше претставен мурал на површина од 20 квадратни метри, дело на уметникот Дејвид Стоилковски-Молерај од Куманово, автор на голем број мурали и
графити. Во Македонската академија на науките и уметностите се одржа свечен собир, а во Филхармонијата се одржа и концерт инспириран од творештвото на Конески.

Фото: приватна архива
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема