Куриозитет на училиштето „Славко Лумбарковски“ е што сите први луѓе на Општина Новаци се излезени од неговите клупи. Таму се описменети сите досегашни градоначалници на новачкиот крај од осамостојувањето на државата: Методија Стојановски, Трајан Мицевски, Лазар Котевски, Љубе Кузмановски и Стевче Стевановски. Тие со носталгија се сеќаваат на наставата и школските денови.
Ги учеле на чесност - Стојановски 4 години како градоначалник работел волонтерски
Првиот градоначалник на Новаци, а воедно и прв директор на училиштето по осамостојувањето, беше проф. д-р Методија Стојановски. Познат е по домаќинското работење бидејќи парите од судскиот спор со РЕК ги искористи за да подигне втор кат на школото.
- Од 1990 до 1997 година, два нецели мандата бев директор на училиштето. Во тој период ја тужев РЕК зашто го зеде училиштето во Суводол (село каде што се вршат ископувања на јаглен). РЕК го изгуби спорот и плати околу 350.000 марки. Со тие пари во едно лето го кренавме вториот кат на школото во Новаци. Во мое време го оградив, реконструирав, изградивме асфалтно игралиште. Ја унапредивме наставата, бевме пилот-училиште за новите наставни програми - вели Стојановски.
Методија Стојановски
Тој е сигурно единствениот градоначалник во државата кој 4 години го извршуваше мандатот волонтерски, без да зема плата.
- Од 1996 до 2000 г. волонтерски ја извршував функцијата само за да остане некој денар повеќе да ја изградиме Општината. Четири години брзав од дома со „југото“ да одржам состаноци, само да остане некој денар за Новаци. Се вложив во тоа, ми беше ќеф, таму растев - вели Стојановски.
Котевски и Кузмановски се сеќаваат на дисциплината и знаењето што го добиле
Ексградоначалникот Лазар Котевски (2005-2017) учел кога училиштето не било доградено, но имало многу повеќе деца отколку денес.
- Бевме 500 ученици, во училница по 30. Немаше многу шега со наставниците, имаше голема дисциплина, многу се учеше, ретко имаше слаби ученици, не им се попушташе и се оценуваше реално - вели Котевски.
Лазар Котевски
Љубе Кузмановски (2017 до 2021) се присетува дека учеле во стари училници со штици мачкани со писа, се грееле на ќумбиња кои некогаш чаделе, но излегле генерации со големо знаење.
- Од основно отидов во гимназија добро поткован. По историја, второ полугодие, ме остави професорот да ме испитува за цел материјал на крајот. Јас одговорив како од пушка. На крајот ми рече: „Седи, може да се случи нешто јас да не знам, а ти да знаеш и да се срамам- раскажува Кузмановски.
Љубе Кузмановски
Некогашниот ученик Стевановски, а денешен градоначалник му дава поддршка на школото
Ученик на „Славко Лумбарковски“ е и сегашниот татко на Општина Новаци, Стевче Стевановски. Ова е негов втор мандат од 2021 година и Општината нескржаво вложува во развој на училиштето.
- Со моето доаѓање ги подобривме хигиенските услови, изградивме нови тоалети по европски стандарди. Единствен градоначалник сум во државата кој обезбедува бесплатен оброк за сите ученици од прво до деветто одделение. Од први септември сите ученици ќе добијат по 6.000 денари на почетокот на новата учебна година. Петта година по ред обезбедуваме таблети за сите четвртоодделенци. Набавена е модерна опрема, во градовите има училишта кои немаат толку модерни услови како кај нас - вели Стевановски.
Стевче Стевановски
Образовен центар за целиот крај
По повод јубилејот објавена е монографијата „70 години знаење, традиција и визија“, чиј главен и одговорен уредник е сегашниот директор Вецко Стојчевски, а во редакцискиот одбор се Билјана Цветковска, Васко Гичевски, Анета Соклевска, Марина Трајчевска, Анастасија Петрова-Мушовска.
Во монографијата пишува дека училиштето во селото Новаци започнало со работа како четирилетка во 1944 година. Наставата ја посетувале 74 ученици, а прва учителка била Ратка Николовска. Педагошката евиденција се водела на македонски јазик, но во бугарски дневник, што говори за скудната опременоста на училиштата. Наместо тетратки, учениците користеле неиспишани дневници и листови од стари запленети книги. Моливот се делел на повеќе парчиња помеѓу учениците и се носел врзан за да не се изгуби. Осмолетка станало во 1956 година и го добило името по Славко Лумбарковски, истакнат деец од НОБ, партизан во Првата македонско-косовска ударна бригада и учесник во Богомилскиот марш кон Дебарца. Во училиштето имало 208 ученици, а за десетина години бројот се искачил до 518, но денес има до 148.
Во негови рамки порано постоела земјоделска задруга, вечерно училиште, а покрај многубројните секции и планинарски клуб.
- Од школово излегле доктори на науки, експерти од различни професии, пратеници, па и м-р Пеце Трајановски, вработен во Истражувачки центар за компјутерски науки и информациски технологии при МАНУ. Седум децении школото е образовен центар на целиот новачки крај - вели Васко Гичевски, професор по историја во училиштето и еден од авторите на монографијата.
Васко Гичевски
Школото прерасна во современ простор за учење опремен со модерни технологии
И покрај засилената миграција, училиштето под водство на сегашниот директор Вецко Стојчевски посветено работи на целосна модернизација, дигитализација и техничко унапредување.
Вецко Стојчевски
- Реализиравме значајни проекти кои директно го подобруваат секојдневието на учениците и наставниците: целосно опремување со современи карти, глобуси, географски модели и дидактички помагала, набавени се ТВ-уреди за сите училници за централното и подрачните училишта, инсталирани се најсовремени СМАРТ-панели, нови бели магнетни табли во сите училници, имаме новоопремен кабинет по информатика со 10 лаптопи и печатачи, спроведена е оптичка интернет-мрежа, современ DVR систем за безбедност и видеонадзор, обновена е училишната библиотека со современа литература на англиски јазик. Училиштето денес е современ простор за учење, со модерни технологии, мотивиран кадар, безбедна средина и услови кои го следат темпото на новото време - рече директорот Стојчевски.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.