X
 04.07.2018 Наша тема

Софија и Белград дозволија. Требенишкото злато од 6 век пр.н.е. се враќа во Македонија

Во 1918 година, за време на Првата светска војна, бугарски војник случајно открил артефакти на гробницата крај селото Требеништа, Охридско. Следувале првите археолошки ископувања што ги спровеле бугарските археолози Богдан Филов и Карл Шкорпил

Една од четирите златни посмртни маски пронајдени на некрополата. Фото: Викимедија

По сто години, златните маски и бронзените кратери, заедно со сиот луксузен материјал од 6 век пред новата ера, пронајдени на некрополата Требеништа кај Охрид, првпат ќе бидат заедно изложени на голема археолошка поставка која во ноември ќе биде отворена во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје. Артефактите, кои во првата половина на 19 век биле изнесени прво во Софија, а потоа во Белград, ќе бидат обединети заедно со предметите што останале во нашата земја. Околу 400 оригинални предмети, голем дел од нив златни, ќе бидат изложени на цел кат во музејот, чии витрини ќе бидат специјално испразнети за оваа изложба, вели за Факултети.мк Горан Санев, директор на Археолошкиот музеј за Македонија.

- Некрополата Требеништa отсекогаш била болна точка во археологијата бидејќи материјалот е растурен низ трите земји, а нејзиното значење е толку големо. И денес некрополата крие одговори на толку прашања, па ја вбројуваме во рамките на митовите. Кои се покојниците од таа некропола, како живееле – вели Санев.

Како стигнале артефактите во Софија и во Белград

Во 1918 година, за време на Првата светска војна, бугарски војник случајно открил артефакти на гробницата крај селото Требеништа, Охридско. Следувале првите археолошки ископувања што ги спровеле бугарските археолози Богдан Филов и Карл Шкорпил. Тие во 1927 година првпат ги публикувале наодите од седумте гроба што ги истражиле. Српскиот археолог Никола Вулиќ ги продолжил ископувањата од 1930 до 1934 година и открил уште шест нови гроба со луксузни предмети. По Втората светска војна, кога Македонија добила официјален статус на република, на Требеништа ископувале Васил Лахтов и Јоже Кастелиц во 1953/1954 година и Владо Маленко во 1972 година, а потоа и археологот Паско Кузман.

Горан Санев, директор на Археолошкиот музеј на Македонија

Санев вели дека изложбата е веќе договорена, а се отвора по повод јубилејот - сто години од првиот наод на Требеништа. Тој лани се сретнал со колегите од Белград и од Софија што работат на овие збирки во своите институции.
- Кога го разбудивме нивниот интерес, воопшто не беше тешко да се продолжи. Веднаш потоа разговарав со амбасадорите на Бугарија и на Србија во Македонија. Идејата за обединување на материјалот од некрополата од Требеништa доби поддршка од сите – објаснува Санев.

Сите предмети се оригинали

Договорот со Националниот археолошки музеј (Наим) од Софија е веќе потпишан, а наскоро ќе се официјализира и договорот со Народниот музеј од Белград, кој по 15-годишното реновирање, деновиве повторно беше отворен за јавноста.
- Ќе бидат изложени повеќе од 400 предмети, сите оригинали – златните посмртни маски, ракавиците, накитот, бронзените кратери... Идејата на изложбата е првпат да го обедини сиот материјал од Требеништa. Ќе има и каталог во кој ќе биде објаснет секој предмет поединечно – објаснува Санев.
Изложбата во Македонија ќе биде отворена пет-шест месеци, во 2019 година ќе биде поместена во Софија, а потоа во Белград.
- Сите се согласивме да почне од Археолошкиот музеј на Македонија бидејќи материјалот потекнува од денешната територија на Република Македонија. Веќе се разгледуваат опции за осигурување на предметите, со оглед на значењето на материјалот, ќе бидат неопходни државни гаранции – вели Санев.

Фото: Красимир Георгиев, Националниот археолошки музеј (Наим) од Софија

Идејата е потоа да патува низ европските метрополи. Неофицијално, за изложбата веќе има интерес од музеи од Париз, Берлин, Виена. Според Санев, успех е на едно место да се собере толкав материјал, кој го истражувале археолози од Македонија, Бугарија и од Србија.
- Ова е шанса да се согледа сета таа култура на едно место. Овој договор е подвиг, обединува, отвора многу нови перспективи. Веќе со колегите од Бугарија размислуваме за заеднички истражувања. За сите три земји, овој проект е многу важен и значаен. Ако досега Требеништа бил симбол на разединување, сега ќе стане симбол на обединување – вели Санев.

Изложба која обединува


Доц. д-р Људмил Вагалински, директор на Националниот археолошки музеј од Софија, за бугарскиот портал БНР вели дека науката се протега надвор од границите, гради мост меѓу археолозите на трите држави и го означи почетокот на идни научни проекти што ќе ги пополнат празнините во знаењето за богатото културно-историско наследство на Балканот.

Златната маска од Требеништа е симбол на банкнотата од 500 денари

- Потпишавме многу важен договор за разбирање на полето на музеологијата и на археологијата. Прва од договорените цели е изложбата на предметите од Требеништа. Некрополата е исклучително интересна и богата, од 6 век. пр.н.е. Сто години откако е откриена имало идеи на многу балкански научници за општа изложба и каталог. Сега успеавме. Најважно е што ова ќе го правиме заедно. Нешто што нѐ разединувало во Првата светска војна, која била многу тешка, сега нѐ обединува – вели Вагалински.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема