Во Франција започна хуманитарна лотарија во која учесниците, по цена од 100 евра за билет, можат да освојат слика од славниот уметник Пабло Пикасо, соопштија организаторите.
Делото на шпанскиот сликар ќе биде доделено преку извлекување што ќе се одржи во аукциската куќа „Кристис“ во Париз.
Станува збор за хуманитарна акција, а приходите се наменети за истражување на Алцхајмеровата болест. Организатор е фондацијата за истражување на Алцхајмеровата болест, со седиште во еден од водечките болнички центри во Париз.
Според организаторите, бројот на билети е ограничен на 120.000, што значи дека потенцијалниот приход може да достигне до 12 милиони евра.
Ова е трет ваков настан на кој дело од Пикасо се доделува преку лотарија. Претходните се одржале во 2013 и 2020 година, а добитниците биле од САД и од Италија.
Претходни добитници
На првата лотарија во 2013 година, насловена „1 Пикасо за 100 евра“, пожарникар од Пенсилванија ја освоил сликата „Човек со оперска шапка“, насликана во 1914 година за време на кубистичкиот период на уметникот.
Во 2020 година делото „Мртва природа“, масло на платно од 1921 година, го добила Клаудија Боргоњо од Италија. Билетот ѝ го купил нејзиниот син како божиќен подарок. Сликата била набавена за лотаријата од милијардерот и колекционер на уметнички дела Дејвид Нахмад.
Уметност за сите
Пикасо починал во 1973 година, но неговото дело и денес привлекува огромно внимание.
- Пикасо беше многу дарежлив. Им подаруваше слики на својот возач, на својот кројач. Сакаше неговата уметност да ја поседуваат различни луѓе, не само супербогатите - изјавил Нахмад.
Делото што ќе се додели оваа недела е „Глава на жена“, кое Пикасо го насликал во 1941 година.
Според организаторите, претходните две лотарии собрале повеќе од 10 милиони евра за хуманитарни и медицински проекти.
Извор:
021.rs
Фото:
Wikipedia