X
 25.01.2022 Живот

Си замина нашиот маестро Александар Џамбазов

Денеска почина маестро Александар Џамбазов, истакнат македонски композитор, диригент и долгогодишен член на СОКОМ. Веста за смртта ја соопшти неговиот син Игор Џамбазов на социјалните мрежи. Тој напиша:

„Си замина нашиот маестро, тивко и нечујно, како што живееше во последните 25 години... Од денес, конечно со својата Анче... Вечен нека ни е споменот на тебе, маестро мој...“

Александар Џамбазов е втемелувач на македонската детска и популарна музика со голем број изведени, снимени, печатени и наградени дела во земјата и странство, истакнат општествен деец во целокупната музичка култура, за што е добитник на над 40 стручни и општествени награди и признанија во Македонија и во поранешна СФР Југославиja. Toj e добитник и на наградите „11 Октомври“ и „13 Ноември“ и др. Маестро Александар Џамбазов е еден од основоположниците на Танцовиот и Ревискиот оркестар на Македонската радио-телевизија, на фестивалот на забавни мелодии „Скопје“ и на најпознатиот, најафирмиран и еден од најстарите музичко-детски фестивали во Европа - „Златно славејче“.

Неговиот исклучителен придонес е и во музичката дејност како диригент со над 40-годишен непрекинат и континуиран работен стаж, и како несебичен промотор на опусот на македонските композитори од овој жанр. Во неговиот богат творечки и интерпретативен опус се обединети сите негови животни и креативни настојувања на заемно преточување на „сериозниот“ и „популарниот“ жанр врз кои се базира целото негово творештво, што опфаќа оркестарски, хорски, камерни дела, забавни мелодии, песни за деца, музика за филм и за театарски претстави.
Александар Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 год. во селото Стапар, Војводина, Србија. Во 1947 година во Скопје го завршува нижото музичко училиште (започнато во Штип), а потоа и средното во 1956 г. Истата година се запишува на Музичката академија во Белград, каде што дипломира во 1960 година. Веднаш по дипломирањето е поканет да работи во Радио Скопје, и тоа прво како соработник во Редакцијата за сериозна музика, потоа во Редакцијата на забавна музика и музичката продукција, а од 1964 година е назначен за диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, каде што работи сѐ до пензионирањето.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот