Ако на „Гугл“ поставите прашање што го зголемува тестостеронот, подгответе се да бидете преплавени со различни апчиња, напивки и сомнителни препораки. Сепак, постои еден зајакнувач на тестостеронот што не го очекувавме - цепењето дрва.
Едно истражување ги споредувало ефектите што ги имале цепењето дрва и спортувањето врз нивото на тестостерон.
Истражувањето објавено во списанието „Еволушн енд хјуман бихејвиор“ истражувало како активностите како цепење дрва влијаат врз нивото на тестостерон кај мажите и дали тестостеронот се зголемува за време на овие активности. Исто така, истражувањето сакало да даде одговор на прашањето како овие промени можат да ги подобрат перформансите на мажите и дали може да се споредат со спортови како фудбалот.
Во истражувањето учествувале 63 мажи на возраст од 16 до 80 години. По исклучувањето на 12 учесници, конечната големина на примерокот била 51. Учесниците учествувале во едночасовни сесии за цепење дрва.
Примероците од плунка биле собрани пред и по активноста за мерење на нивото на тестостерон. Посебна група учесници обезбедила примероци од плунка во мирување за споредба. Резултатите биле споредени со промените на тестостеронот забележани за време на фудбалски натпревар во кој играле 82 мажи.
Нивото на тестостерон имало значително зголемување (48,6 отсто) по еден час цепење дрва, надминувајќи го растот од 30,1 отсто што бил забележан кај учесниците кои учествувале во фудбалски натпревар. Овие промени не биле под влијание на фактори како возраст, болест или болка.
Истражувањето заклучува дека нивото на тестостерон се зголемува брзо при физички интензивни задачи, како што е цепењето дрва, помагајќи им на мажите да бидат попродуктивни и да работат понапорно. Ова го оспорува ставот дека тестостеронот е главно поврзан со конкуренцијата меѓу мажите, нагласувајќи ја неговата важност во секојдневните активности кои бараат слична физичка сила и напор, како што е цепењето дрва. Дополнително, откриено е дека постарите мажи се исто толку способни како и помладите да доживеат зголемување на нивото на тестостерон при вакви физички активности.
Извор:
Menshealth.com
Фото: