X
 07.03.2019 Образование

Универзитетот „Кембриџ“ им нуди втора шанса на сиромашните студенти

Универзитетот „Кембриџ“ се обидува да ја зголеми студентската разновидност нудејќи им на сиромашните кандидати втора шанса да аплицираат откако ќе ги добијат нивните резултати.

Од ова лето студентите од недоволно застапените средини кои аплицирале и биле интервјуирани за додипломски студии, но не успеале да влезат, ќе можат повторно да аплицираат откако ќе ги дознаат нивните оценки.

„Кембриџ“ првпат ќе учествува во системот за приспособување „Укас“ што им овозможува на студентите кои ги надминале условите на универзитетската понуда повторно да бидат земени предвид од друга институција.

1
Фото: Nick Ancell


Секоја година повеќе од 14.000 студенти што аплицирале на „Кембриџ“ не успеале да обезбедат понуда. Универзитетот вели дека до 100 места ќе бидат достапни во рамките на новата шема, што претставува дел од напорите на универзитетот да ги прошири местата.

- Студентите мора да аплицираат една година пред да започнат студиите, а некои можеби не успеале да го демонстрираат својот целосен академски потенцијал во моментот на интервјуто - рече д-р Сем Луси, директор за прием во „Кембриџ“.

- На оние студенти што постигнуваат високо ниво им се дава можност повторно да бидат земени предвид кога ќе ги добијат конечните резултати наместо да мораат повторно да аплицираат наредната година. Се надеваме дека ова ќе има позитивно влијание, што ќе ни овозможи да ги примиме талентираните студенти од недоволно застапените групи, кои го пропуштаат првиот круг - додаде тој.

Ќе можат повторно да аплицираат оние што и претходно аплицирале и биле интервјуирани за време на главниот циклус, кој започнува во октомври и завршува со понуди во јануари; кандидатите ќе можат да аплицираат само за предметот за кој првично аплицирале и ќе треба да ги исполнуваат специфичните критериуми за проширување за да бидат земени предвид.

Сер Питер Лампл, основач на фондот „Сатон“, кој се залага за поголема социјална мобилност во образованието, го поздрави потегот како чекор во вистинската насока.

- Затворањето на широкиот јаз во пристапот на нашите најдобри универзитети е од витално значење, па затоа е добро да се види дека „Кембриџ“ е во потрага по нови решенија за справување со проблемот - изјави тој.

Истражувањата покажуваат дека сиромашните ученици со високи перформанси кои имаат соодветни оценки што се бараат како критериум за запишување на „Оксфорд“ или „Кембриџ“ или не аплицираат или нивните оценки се потценети.

- Сакаме да видиме целосен потег во постквалификациските апликации каде што студентите ќе аплицираат откако ќе ги добијат нивните резултати. Ова ги надминува предвидените оценки и им овозможува на учениците да изберат најдобро - велат претставници на универзитетите.

На водечките универзитети во Велика Британија и понатаму доминираат бели, богати студенти. Тие се под постојан притисок од владата да привлечат млади луѓе од различно потекло, кои можеби ќе бидат први во нивните семејства што ќе бидат земени предвид за студирање на овие универзитети.

Минатата година „Кембриџ“ започна кампања за собирање 500 милиони фунти за да отвори нова „програма за транзиција“ за да ги охрабри и поддржи апликациите од талентираните студенти од загрозени средини кои инаку не би можеле да се запишат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование