„Zdravo“, „Dali ke se vidime vecerva?“, „Kako si pomina na rodenden?“, вакви пораки секојдневно си разменуваат младите на социјалните мрежи. Иако уште од мали учат да пишуваат на кирилица, на социјалните мрежи сѐ почесто комуницираат на латиница. Дигиталната комуникација постепено го потиснува кирилското писмо. Статуси, коментари, приватни пораки на интернет се пишуваат со латинични букви. Ваквите навики на младите го отвораат прашањето за иднината на кирилското писмо во онлајн просторот.
Младите постапуваат од брзина, а не со намера да ја потиснат кирилицата
Христина Зариевска, професорка по македонски јазик и литература во Средното општинско економско училиште „Јане Сандански“ во Битола, вели дека како јазичар, честопати со загриженост сведочи дека младите на социјалните мрежи почесто посегнуваат по латиницата отколку по кирилица.
- Сметам дека тоа повеќе го прават од навика и брзина отколку од свесна намера да ја потиснат кирилицата. Современиот дигитален говор е обележан со една специфична нетрпеливост – мислата брзо да се вообличи и да се оддаде, без притоа да го почитува графичкиот релјеф на нашето писмо од 31 буква, додека латиницата лажно нуди „пократок пат“ во тесните рамки на екранот - вели Зариевска.
Родителите и наставниците го сеат семето на писменоста преку личен пример
За да се промени состојбата, професорката смета дека неопходно е родителите и наставниците да бидат пример како треба да се комуницира на социјалните мрежи.
- Од првите училишни чекори, децата се вклучени во дигиталното секојдневие каде што латиницата станува нивна вообичаена слика. Ако сакаме кај новите генерации да никне никулецот на македонската писменост, тоа семе мора да го посееме уште тогаш – преку непоколебливиот и жив пример на родителите и наставниците. Живецот на навиката се кали со доследност: ние, возрасните, должни сме да ги жртвуваме сопствената удобност и навиката за пишување на латиница за да го сочуваме праизворот на нашето слово. Само така ќе создадеме нова навика која на младите ќе им налегне природно, како нивно сопствено ткиво - вели Зариевска.
Таа посочува дека интернетот може да ја обликува само површината, но битието на јазикот опстојува во нашите секојдневни постапки.
- Педагошката наука е јасна: децата не се воспитуваат со празни поуки, туку со впивање на моделите на однесување. Ако кирилицата не е наш личен избор, децата ќе ја доживуваат како застарена обврска која се практикува само кога „мора“. Со личен пример можеме да изградиме генерации со вкоренето достоинство дека кирилицата е современ и единствен вистински дом за нашиот јазик - вели професорката.
Македонските инфлуенсери да пишуваат на кирилица
Младите денес се угледуваат на оние што ги следат на социјалните мрежи. Затоа, Зариевска смета дека инфлуенсерите и креаторите на содржини можат да бидат клучниот потквас за оваа културна обнова.
Христина Зариевска
- Ако тие творат на кирилица, ќе му дадат современ легитимитет на нашето писмо. На тој начин стануваат јазичен мост меѓу традицијата и новото време, создавајќи амбиент во кој кирилицата не е товар, туку престиж - заклучува Зариевска.
Кирилицата не е само писмо, туку е дел од македонскиот идентитет. Со секој статус и порака напишани на македонски јазик и кирилско писмо младите придонесуваат за зачувување на културниот идентитет. Во дигиталниот свет има место за кирилицата, потребно е само да ја
ставиме на тастатурата и во секојдневната комуникација. И да се гордееме со тоа.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.