X
 27.08.2025 Наша тема

„Нашиот јазик ќе опстојува во Швајцарија уште многу долго, го учат деца и од трета генерација Македонци што живеат таму“, вели наставничката Ирена Годева

Швајцарците со отворено срце ја прифаќаат разноликоста од народи што од цел свет живеат или работат кај нив. Локалните власти без проблем ни обезбедуваат и ни даваат на располагање училница во некое од училиштата во местото каде што сакаме да ја реализираме наставата, вели Ирена Годева

Ирена Годева од Струмица e наставничка по македонски јазик во неколку градови од францускиот регион во Швајцарија. Предава во Женева, Белфо до Фрибург, Ешалан, Екублан, Ибердон, Шебра и Веве. Професор е по одделенска настава со 15-годишно искуство. Наставата ја организира Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија.

Еден работен ден не е сличен ниту на претходниот ниту на наредниот. Причината е што секој ден е во различен град, со различен број ученици кои имаат и различни предзнаења од македонскиот јазик и различна возраст.

- Два дена во неделата, среда и петок, успевам да стигнам во два града за да ја реализирам наставата по македонски јазик која децата на нашите Македонци што живеат или се привремено во Швајцарија со нетрпение ја очекуваат, а сето тоа го постигнувам благодарение на добрата сообраќајна инфраструктура и јавен превоз во Швајцарија. Не за џабе велат дека возовите се точни како швајцарски часовник. За да стигнам навреме на настава, го користам јавниот превоз - возови и автобуси. Неделата ја започнувам во Женева, а ја завршувам во градовите Шебра и Веве - споделува Ирена.



Наставата се одржува на македонски јазик

Образовниот систем во Швајцарија ја организира наставата двократно - почнува наутро, има пауза за ручек напладне и продолжува попладне до околу 15 часот. Наставата по македонски јазик се одржува по нивната редовна настава.

- Во среда децата во училиштата во Швајцарија немаат настава попладне, па тогаш почнуваме порано со нашата настава - држам настава во градовите Ешалан и Екублан кои се оддалечени половина час. За децата можам да кажам се моите мали-големи херои. Така ги нарекувам затоа што тоа се дечиња кои од една настава доаѓаат на друга, што значи дека подоцна се враќаат дома. Редовно доаѓаат и со голема љубов сакаат подобро да го научат македонскиот јазик, македонската историја, македонските традиции. Доаѓаат и за да се дружат со деца кои се од различни места од Македонија, се запознаваат и си раскажуваат доживувања од денот. Многу сум задоволна што имаат голема желба да ја посетуваат наставата. Тоа ме инспирира и придонесува да најдам полесен и поинтересен начин да го совладаат материјалот што е предвиден со програмата - вели Ирена.



Децата го разбираат македонскиот јазик до тоа ниво да може да се наградуваат со нови знаења, нов фонд на зборови, да се описменуваат, да научат историски, географски, културолошки факти за нашата татковина.

- Се запознаваат и со македонските традиции, македонските народни песни и ора. Децата многу сакат да ги пеат македонските песни и сакаат да ги научат македонските ора. Многу од македонските семејства што живеат во Швајцарија го негуваат и им го пренесуваат на децата македонскиот јазик така што во домот го зборуваат македонскиот јазик, а го користат и во секојдневната комуникација со луѓето од македонско потекло. Но, има и дечиња кои доаѓаат од семејства каде што едниот родител е од друга националност, па послабо или воопшто не го знаат македонскиот јазик. Еден од условите за мојата работа како наставник по македонски јазик беше владеењето на францускиот јазик - ни раскажува Ирена.

Најпримамливо им е да ја научат македонската азбука

Големиот интерес за посетување на наставата е од причина што поголем дел од родителите сакаат нивните деца да го знаат и да го користат мајчиниот јазик, да научат за македонските писатели, поети, важни личности од македонската историја и култура, да научат за нивната родна земја, земјата на нивните родители, земјата на предците.

- Овде децата Македонци не се само за да научат, туку и да се запознаат, да се дружат и да ги негуваат македонските корени за идните поколенија што ќе останат да живеат во Швајцарија. Најпримамливо им е да ја научат македонската азбука и многу се воодушевени од богатата македонска историја, традиции и фолклор, но и од македонските природни убавини и богатства за кои учиме на часовите по општество и географија. Најтешко им доаѓа пишувањето зашто имаме 31 буква во кирилицата, а во француската абецеда имаат помалку. Помалите обожаваат квизови со погодување букви и зборови, а поголемите сакаат да совладуваат нови непознати зборови, да пишуваат, да творат на македонски јазик. Еден ученик од Ешалан, кој подолго време посетува настава, напиша прекрасен состав, самостојно без моја помош - посветен на македонската азбука и неговата љубов и желба за татковината на неговите родители. Ученикот Андреј Златков е од трета генерација Македонци што живеат во Швајцарија и со љубов слуша и твори на македонски јазик. Исто имам и талентирани македонски славејчиња - Леа Гоцевска заедно со сестрите Невена и Лена Анчевски кои прекрасно ги интерпретираат македонските народни песни. Има уште многу деца кои со голема љубов го негуваат македонското во себе - ни раскажува Ирена.



Поддршката од македонските иселенички организации во Швајцарија e многу важна за поуспешна реализација на наставата. Најголема поддршка добиваат од Унијата на македонски училишта во франкофонска Швајцарија, која е создадена во 2008 година, а чија идеја за настава по македонски јазик започнала уште во 1993 година, кога биле организирани првите часови по македонски јазик.

- Оваа здружение е најголем поборник за зачувување на македонските корени во оваа држава. Претседател е Ненад Анчевски, кој несебично го посветува своето слободно време за поддршка, презентацијата и беспрекорно одвивање на наставата. Други важни здруженија се: „Александар Македонски“-Ивердон, „Белев Рид“-Белфо, „Македонија Ешалан“ од Ешалан, „Пијанец“-Пиду, „Пирок“-Лозана. Морам да кажам дека локалните швајцарски власти срдечно, многу љубезно и со голема поддршка ја овозможуваат наставата по македонски јазик. Тие во своите програми за интеграции на странците кои доаѓаат во нивната држава даваат поддршка за задржување на идентитетот, културата и јазикот на сите националности што живеат и работат во Швајцарија. Швајцарците со отворено срце ја прифаќаат разноликоста од народи што од цел свет живеат или работат кај нив. Локалните власти на наше барање, без проблем, ни обезбедуваат и ни даваат на располагање училница во некое од училиштата во местото каде што сакаме да ја реализираме наставата. Секоја училница е најсовремено опремена, имаме доволен простор за игра, за чување на изработените материјали од часовите и сето тоа е бесплатно. За нив е важно децата на странците што живеат во нивната држава да го знаат мајчиниот јазик. Затоа и организираат семинари, работилници и активности за наставниците што доаѓаат од други држави и држат ваков вид настава - истакнува Ирена.



Децата добиваат оценки за познавањето на македонскиот јазик

Агенцијата за иселеништво е мостот меѓу Македонците што живеат надвор од својата татковина. Таа им помага на нашите на полесен начин да се поврзат со институциите во Македонија.

- Нам ни помага при презентација на наставата, најмногу со донирање учебници и материјали кои се специјално подготвени за децата на Македонците што живеат и работат во странство, како и лектири на македонски јазик. Долги години за оваа дејност се грижи Билјана Костова - раководител на сектор во Агенцијата за иселеништво. Би била среќна да добивам повеќе вакви донации на книги за деца зашто децата сакаат да читаат на македонски јазик - вели Ирена.

Нејзината визија е дека нашиот јазик ќе опстојува во Швајцарија уште многу долго време, зашто опстојува повеќе децении.

- Важно е да споменам дека на крајот децата добиваат Потврда од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија за завршено соодветно одделение за посетената настава, а во кантонот Женева успеавме да го вметнеме постигнувањето од наставата по македонски јазик да влезе во редовното оценување на крајот од учебната година во училиштата. Тоа значи дека децата добиваат оценки од наставата по македонски јазик- бројчено или описно по теркот на оценување на швајцарскиот образовен систем. Во кантонот Фрибург учениците добиваат сертификат дека посетуваат и знаат македонски јазик - се става во нивните училишни досиеја. Првпат оваа година во кантон Воу каде што предавам беше прифатено постигнувањето по македонски јазик да биде приложено во нивните агенди-училишни книшки како дел од нивните компетенции, што е голем успех. Правиме напори и во кантон Воу да успееме со истото. Со тоа ќе придонесеме јазикот да биде подигнат на повисоко ниво на признавање како јазик што се употребува во оваа мултиетничка држава - споделува Годева.



Таа би сакала и во Лозана да отворат паралелка, но треба да се исполнат одредени критериуми за да добијат просторија во некое училиште.

- Преку различни активности го претставуваме сработеното и наученото од наставата пред луѓето од нашата дијаспора и, секако, пред домашното население. Заедно со Унијата на македонски училишта во франкофонска Швајцарија секоја година свечено го одбележуваме 24 Мај, Ден на сесловенските просветители св. Кирил и Методиј преку приредба, каде што децата рецитираат, глумат, пеат и играат македонски народни ора. Сакаме да организираме настан и со македонската амбасада во Берн каде што заедно со децата би одбележале некој од поважните датуми за нашата држава - ни истакна нашата соговорничка.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема