Во секојдневниот живот носиме голем број одлуки, но само некои од нив имаат моќ целосно да нè исфрлат од рамнотежа. Додека ситните избори, на пример, што ќе јадеме или што ќе облечеме, се речиси автоматски, големите животни пресвртници често доаѓаат со бран од стрес, сомнеж и страв од погрешен чекор. Токму тие одлуки, кои можат да го променат текот на нашиот живот, најмногу нè оптоваруваат.
Ново истражување објавено во списанието „Сајколоџикал сајнс“ покажува кои одлуки луѓето ги доживуваат како најризични и најстресни.
Кариерата на прво место: Одлуки кои многу влијаат врз текот на животот
Најголемиот извор на стрес, според истражувањето, доаѓа од деловниот свет. Одлуката за прифаќање нова работа или напуштање на сегашното работно место се покажа како најтешка за повеќето луѓе. Причината е едноставна, кариерата директно влијае врз финансиската сигурност, идентитетот и чувството на лична вредност.
Интересно е што перцепцијата на ризикот се разликува по генерации. Постарите испитаници повеќе стравуваат од промена на работата, додека помладите почесто чувствуваат непријатност поради давање отказ. Во двата случаи во прашање е истиот корен, односно стравот од неизвесност и од последиците од одлуката.
Парите и секојдневните ризици носат голема тежина
Веднаш по кариерата се наоѓаат финансиските одлуки, како вложување во акции, криптовалути или започнување сопствен бизнис. Овие одлуки носат високо ниво на неизвесност бидејќи вклучуваат потенцијална добивка, но и загуба, што ги прави особено стресни.
Интересно е што меѓу најстресните одлуки се најде и возењето. Иако на прв поглед изгледа како рутина, во ситуации на замор, лоши временски услови или несигурност, одлуката да седнете зад воланот може да предизвика сериозен психолошки притисок. Купувањето недвижност, исто така, се истакнува како еден од најголемите животни предизвици бидејќи носи финансиски ризик и долгорочна обврска.
Здравје и односи: Важни, но помалку стресни отколку што мислиме
Иако многумина би претпоставиле дека одлуките за здравјето или љубовта се на врвот на листата, истражувањето го покажува спротивното. Одлуките како операција или вакцинација се наоѓаат пониско на листата, додека бракот и преселувањето во друга земја се меѓу последните од најстресните избори.
Овие резултати ги изненадија и самите истражувачи бидејќи укажуваат на тоа дека најголемиот стрес луѓето го поврзуваат со одлуките кои имаат финансиски и професионални последици. Тоа не значи дека односите и здравјето се помалку важни, туку дека луѓето ги доживуваат како помалку ризични во моментот на донесување на одлуката.
Што ни кажуваат овие резултати за начинот на размислување на модерниот човек?
Клучната порака на истражувањето е дека стресот не доаѓа само од тежината на одлуката, туку од перцепцијата на ризикот и контролата. Луѓето најмногу се плашат од одлуки кои можат долгорочно да го променат нивниот живот и кои немаат јасен исход.
Разбирањето на овие обрасци може да помогне полесно да носиме важни одлуки и да сфатиме дека чувството на несигурност е сосема нормално.
Извор:
24sedam.rs
Фото: Magnific