Катерина Кузмановска е магистер на науки од областа на градежништвото, специјализирана во областа контрола и квалитет. Кариерата ја започна во македонска компанија, каде што го стекна првото практично искуство во градежништвото. Продолжи да работи во интернационална компанија во Скопје, а денес е дел од голем меѓународен проект во Луксембург поврзан со изградбата на нов објект на Европската инвестициска банка.
Од каде љубовта кон градежништвото, што беше пресудно да се одлучите за оваа професија?
Секогаш ме фасцинирал процесот како од идеја се создава функционален објект. Со текот на времето сфатив дека токму оваа динамика, од планирање до реализација, е нешто што ме мотивира, па тоа беше пресудно да ја изберам оваа професија. На почетокот имав дилема помеѓу градежништво и архитектура бидејќи креативниот аспект отсекогаш ми бил многу близок. Но, сепак, денес сум многу среќна со изборот, особено затоа што мојата работа претставува спој на градежништво и архитектура, што ми овозможува да ги комбинирам техничкиот и креативниот пристап и да работам на проекти кои бараат прецизност и креативно размислување.
Каде студиравте и каков студент бевте?
Студирав на Градежниот факултет во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде што ги завршив и постдипломските студии и се стекнав со звање магистер на науки од областа на градежништвото. Особено ми е драго за целиот едукативен процес, како и за мотивацијата и поддршката што ја добивме од професорите и менторите.
Како студент, отсекогаш се трудев да бидам посветена, дисциплинирана и љубопитна, со искрен интерес да го разберам материјалот, а не само да ги совладам обврските. Верувам дека токму тој пристап ми помогна да изградам цврста основа која подоцна се покажа како многу важна во мојата професионална кариера.
Како се случи да станете одговорен инженер за контрола и квалитет при изградбата на новиот објект на Европската инвестициска банка во Луксембург?
Можноста да бидам дел од овој проект дојде како резултат на моето претходно професионално искуство и континуираниот ангажман во областа на контрола и квалитет во градежништвото. Контактот беше остварен преку „Линкедин“, по што следуваше селективен процес. Верувам дека пресудно за мојот избор беше комбинацијата од образование, практично искуство и посветеноста кон квалитетот, како и способноста да се работи во интернационален тим и да се одговори на високите стандарди што ги бараат ваквите проекти. За мене, ова претставува значаен предизвик и важен чекор во мојот професионален развој.
Во што се состои Вашата работа таму?
Како одговорен инженер за контрола и квалитет, улогата на мојот тим е да обезбеди сите активности на градилиштето да се изведуваат во согласност со проектната документација, техничките стандарди и пропишаните процедури за квалитет. Бидејќи проектот се реализира за Европска инвестициска банка, станува збор за средина со особено високи стандарди и барања, што подразбира детални проверки, строги контроли и високо ниво на прецизност во секоја фаза од изведбата. Работата вклучува и постојана комуникација со одговорните тела од Луксембург, како и со претставници од самата банка, со цел обезбедување усогласеност со сите барања. Дополнително, процесите се поддржани со современи технологии и софтвери за следење и контрола, што е од клучна важност за ефикасно управување со квалитетот и документацијата на проектот.
Каков е животот во Луксембург?
Иако е релативно мал град, Луксембург е многу динамична и интернационална средина, во која се среќаваат луѓе од различни култури и професии. Тоа дополнително придонесува и за професионален и за личен развој, секојдневно се комуницира и соработува во мултикултурна средина. Од професионален аспект, Луксембург нуди високи стандарди, добра организација и сериозен пристап кон работата, што е особено изразено во градежништвото и големите инфраструктурни проекти. Од друга страна, како место за живеење е уредено, безбедно и нуди добар баланс помеѓу работата и приватниот живот, што за мене е многу важно.
Дали е лесно за нашите кадри да успеат во странство?
Би рекла дека ова е многу индивидуално искуство. Сметам дека секој амбициозен млад човек може да се снајде и да успее во странство доколку има доволно мотивација, посветеност и јасна цел. Секако, едукацијата и професионалната подготовка се клучни бидејќи конкуренцијата е голема, а стандардите високи. Дополнително, многу важни се и практичното искуство, адаптабилноста и подготвеноста за постојано учење и надградување. Од моја перспектива, кога постои комбинација од знаење, труд и истрајност, можностите за успех навистина постојат, без разлика од каде сте.
Кој е моментот од Вашата кариера со кој најмногу се гордеете?
Најмногу се гордеам со тоа што сум денес, бидејќи тоа е резултат на излегување од сопствената комфор-зона. Полесно е кога си опкружен со луѓе кои ги познаваш и со кои веќе имаш воспоставена соработка. Но, вистинскиот предизвик почнува кога ќе се најдеш во нова средина каде што започнуваш од почеток и никој не те познава.
Токму тој чекор, да се адаптирам, да научам и да се докажам во интернационална средина, за мене претставува голем и храбар чекор, на кој особено сум горда. Дополнително, да се добие можност да се биде дел од ваков проект е навистина значајно, имајќи предвид дека селекцијата е многу строга и бара високо ниво на стручност и одговорност. Тоа за мене претставува потврда дека трудот и посветеноста навистина се препознаваат.
Дали би се вратиле да работите во Македонија и под кои услови?
Во овој момент сум целосно фокусирана на тековниот проект и професионалните обврски што ги имам тука. Паралелно, секако постојат и други интернационални можности и понуди, но сметам дека за такви одлуки секогаш треба време и внимателно размислување.
Што се однесува до враќањето во Македонија, би ми претставувало особено задоволство доколку во одреден момент можам да придонесам и да го пренесам стекнатото искуство од интернационални проекти. Сметам дека во Македонија постои квалитетен стручен кадар, а со поголема примена на современи технологии и практики, има голем потенцијал за дополнителен развој во градежништвото.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.