X
 25.04.2026 Живот

Момо Капор: „Никаде не се зборува толку за изгледот на другите како кај нас“

Чуден народ сме ние!

Никаде не се зборува толку за изгледот на другите како кај нас. Ќе се дотерате и ќе излезете на вечерна прошетка не насетувајќи што сè ве чека, кога – ве среќава познајник! Не вели ни добра вечер, не прашува ни како сте; веднаш ве проценува. Ако случајно сте качиле некој килограм повеќе, очајнички ги шири рацете и вика на целиот глас: „Уф, бре, ама си се здебелил! На што личиш?“

И не знаејќи дека ве фрлил во најдлабок очај, си заминува и ве заборава во истиот миг. Трчате право на вагата и од следното утро престанувате да јадете, слабеете од ден на ден, и само чекате кога повторно ќе го сретнете. И гледај, доаѓа и тој ден. Се шетате вити како сечило на брич кога, ете ти го него! Овој пат не ги шири рацете, туку чудно ве набљудува, како да сте заразени, и смртно сериозен врти со главата: „Што ти е? Нешто многу си ослабел? Треба да отидеш на лекар...“

Очигледно се сомнева дека сте заболеле од она најлошото. Нозете почнуваат да ви се тресат. Се враќате дома и манијачки јадете сè до следната средба, кога повторно ќе ви каже дека сте се здебелиле.

Главно, никогаш никој не ви вели дека сте како што треба! Никогаш дека сте сосема нормални. Зошто го прават тоа? Дали поради тоа што нè сакаат, па се грижат за нашиот изглед, или сакаат да нè повредат бидејќи се зли и завидливи? Или, едноставно, немаат попаметна работа, па се грижат за туѓиот изглед или тукутака зборуваат, колку нешто да кажат? Кој ќе му угоди на светот?

Сепак, во далечните земји, меѓу непознати, учтиви луѓе, почнува да ни недостига наметливата грижа на нашите сонародници. Чекориме изгубени во толпата и копнееме да нè запре некој познат, да ги рашири рацете и да каже дека многу сме се здебелиле!

Тогаш би биле помалку осамени...

Извор: lolamagazin
Фото: принтскрин/јутјуб

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот