Нови остатоци од античкото минато на Ирска се откриени благодарение на моменталниот топлотен бран и сушата. Од фотографиите направени со дрон над локалитетот јасно се гледаат контури од голем кружен споменик т.н. „хенџ“. Има дијаметар од околу 200 метри, а археолозите веруваат дека датира од доцниот неолитски период или раното бронзено време.
- Времето е 95 отсто виновно за ова откритие. Во делот над локалитетот има повеќе влага и затоа тука тревата е многу
позелена. Поради сушата, сега тревата околу локалитетот е многу пожолта,
па затоа контурите се гледаат многу јасно - вели Антони Марфи, кој заедно со Кен Вилијамс го пронашол локалитетот.
Поголем комплекс на споменици има на ова место, кои биле подигнати по должината на реката Бојн, а заеднички се нарекуваат Бру на Боин. Марфи и Вилијамс го летале дронот по долината Бојн и одеднаш здогледале нешто што им личело на кружен локалитет. Се доближиле со дронот и веднаш забележале дека имаат откриено нешто многу важно, пренесува Би-би-си.
Откритието е пријавено во Ирскиот национален сервис за споменици, кој во моментов има детали за околу 140.000 споменици и локалитети.
Стив Давис, археолог од Универзитетот во Даблин, вели дека ова е интернационално важно откритие и дека сега ќе следува напорна работа да се открие вистинското значење на новооткриениот локалитет.
- Овој локалитет е многу важен, има одредени карактеристики кои не сме ги виделе на претходни локалитети - вели Давис.
Локацијата се наоѓа на приватно земјиште и во моментов нема планови да се почне со археолошки истражувања.