X
 25.08.2026 Наша тема

За бруцошите следува студентски оброк, а стипендија само ако се запишани на дефицитарна студиска програма

Од 26 август почнува пријавувањето за субвенционираниот студентски оброк, а Министерството за образование и наука објави повик за остварување на правото и ги повика сите студенти што ги исполнуваат условите да се пријават.

Тие треба да се редовни студенти запишани на прв циклус, односно втор циклус на студии, како и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во Републиката за тековната година.
Почнувајќи од октомври, во првите пет дена од секој месец од новата академска година ќе тече рокот за пријавување на студентите што не го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк по Јавниот повик или чие право престанало поради неисполнување на некој од критериумите, тогаш кога повторно ќе ги исполнуваат критериумите наведени во овој повик.

Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, која студентот ја добива од Министерството за образование и наука за купување приготвена храна.

За оваа мерка ќе може да се пријават и студентите бруцоши кои неделава ги дознаа прелиминираните резултати од приемот во првиот уписен рок на државните универзитети.



Оваа мерка ќе биде и единствена финансиска помош за бруцошите затоа што за нив не се наменети стипендии како за студентите од втора година, па нагоре бидејќи за користење на истите средства условот е добар успех во претходната академска година.

Го прашавме Министерството за образование и наука дали размислува да ги врати студентските стипендии за бруцоши како што тоа го направи, на пример, за субвенционираниот оброк со цел да се спречи дискриминација или, пак, дали се размислува некако на бруцошите да им се помогне финансиски, а оттаму одговорија:

- Бруцошите, редовни студенти, добиваат субвенциониран студентски оброк во износ од 140 денари дневно, за 6 дена во неделата. Исто така, одредени категории на стипендии се достапни и за нив, за стимулација на упис на дефицитарни студиски програми.

По објавата на резултатите за упис, студентите кои се примени на своите посакувани студиски програми ќе мора да се запишат физички со поднесување на оригиналните документи. Потоа ќе можат да аплицираат за сместување во студентските домови на Конкурсот кој МОН го објави во јули. За студенти од прва година (бруцоши), пријавувањето започнува на 14 септември и ќе трае до 20 септември 2026 година. Конечниот список за бруцошите ќе биде објавен најдоцна до 30 септември 2026 година.

Студентите во Охрид ќе се сместат во летувалиште на МВР

- На веб-страницата на МОН е објавен конкурсот за сместување студенти во студентски домови. Понудени се 3.500 места. Сите студенти што ги исполнуваат условите ќе бидат сместени.

Целосно реновирани ќе бидат два дома – „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“, по што до крајот на годинава ќе започне реконструкцијата на преостанатите 7 кои не се реконструирани - велат од МОН за моменталната ситуација со студентските домови во Скопје и ширум државата.

Со оглед на тоа дека целосно се затвори домот „Никола Карев“ во Охрид, ги прашавме МОН каде ќе им се понуди сместување на студентите во Охрид додека се реновира и дали се подмирија долговите поради кој домот беше затворен.

- На студентите им се нуди сместување во објект - летувалиште на МВР. Раководството на домот си поднесе оставка. Последниот направен долг сè уште не е подмирен - истакнаа од МОН.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема