X
 25.10.2025 Живот

Дали некои луѓе се природно лоши по математика?

На имот има три вида животни:

Сите животни се овци, освен три.
Сите се кози, освен четири.
Сите се коњи, освен пет.

Колку животни има од секој вид?

Ако оваа загатка ве збунува, не сте единствени. Решението е: еден коњ, две кози и три овци.

Зошто тогаш на некои луѓе математиката им оди лесно, а за други претставува голем проблем?

Иако генетиката може да игра одредена улога, таа е само дел од пошироката слика која вклучува сложена комбинација на биолошки, психолошки фактори и средина.

Истражувања спроведени врз близнаци


Професорката Јулија Ковас од колеџот „Голдсмитс“ при Универзитетот во Лондон истражува зошто луѓето имаат различни математички способности.

Таа учествувала во големо истражување во кое следела околу 10.000 парови еднојајчени и двојајчени близнаци од раѓање за да се испита како генетиката и средината влијаат врз способностите за учење.

- Еднојајчените близнаци се слични еден на друг повеќе отколку двојајчените во сите психолошки карактеристики што ги проучувавме. Тоа значи дека се слични и во математичките способности, што укажува дека семејната средина не ги објаснува целосно разликите. Изгледа дека и гените играат улога - објаснува таа.

Се проценува дека генетската предиспозиција сочинува 50-60 отсто од способноста за учење и совладување на математиката.

- Тоа потврдува дека и гените и средината се важни - додава Ковас.

Влијанието на средината

Важно е да се земе предвид и она на што сме изложени, а не само квалитетот на училиштето и помошта при домашните задачи, туку и „случајни“ влијанија, како некоја радиоемисија која би можела да го разбуди интересот за одредена област, објаснува Ковас. Но, напоменува дека генетските предиспозиции сепак можат да имаат одреден ефект.

matematika
Фото: Freepik

Добрата вест е дека секој може да ги подобри своите математички способности, вели д-р Иро Ксенида-Дерву од Универзитетот во Лафбор, која проучува когнитивни способности поврзани со учење и користење на математиката. Таа нагласува дека мислите, уверувањата, ставовите и чувствата играат важна улога во развојот на нумерички и математички вештини.

Фобија или страв од математика

Негативните искуства, како коментарите дека сте лоши во математика или имате слаби резултати на тестовите, можат да предизвикаат фобија или страв од математиката.

- Стравот од математика води кон избегнување на предметот, што доведува до уште послаби резултати и зголемена анксиозност - објаснува д-р Ксенида-Дерву.

Стресот ја оптоварува нашата работна меморија, која ни овозможува учење и решавање проблеми. Истражување на Универзитетот во Лафбор спроведено кај деца од 9 и 10 години ја истражувало врската помеѓу работната меморија и стравот од математика. Децата добиле задача по ментална аритметика со двоцифрени броеви, но пред задачата им биле прочитани зборови што требало да ги запомнат, а подоцна да ги изговорат. Резултатите на децата што имале изразена фобија од математиката биле значително полоши.

Вродено чувство за броеви


Професорот Брајан Батерворт од Универзитетскиот колеџ во Лондон се занимава со истражување на когнитивна невронаука и вели дека луѓето имаат вродено чувство за броеви, дури и деца кои никогаш не учеле да бројат.

Меѓутоа, кај некои луѓе овој „вроден механизам“ не функционира најдобро. Дискалкулија е нарушување на способноста за операции со сметање, слично како дислексијата, и се проценува дека ја имаат околу 5 отсто од луѓето.

Луѓето со дискалкулија често имаат тешкотии со основни аритметички задачи, како „5 × 8“ или „6 + 16“. Батерворт и неговиот тим развиле игри за деца, особено за оние со дискалкулија, за да ги совладаат основните аритметички вештини.

Зошто математиката е различна од другите предмети?


Д-р Ксенида-Дерву ја споредува математиката со „градење ментален ѕид од тули“, каде што секоја тврда основа е потребна за напредок кон повисоки нивоа.

- Во математиката не можете да прескокнувате тули. На пример, во историјата може да не знаете добро одреден период, но тоа не е голем проблем. Во математиката тоа едноставно не е можно - објаснува таа.

Искуства од светот

Истражувањето ПИСА од почетокот на 21 век, кое ги тестирало 15-годишниците во математика, читање и науки, покажало дека најдобри резултати имале учениците од Кина, некои источни азиски земји и Финска.

Д-р Џенџен Мјао од Универзитетот во Џијангсу, Кина, вели дека наставата по математика во Кина е фокусирана на основни знаења, вештини и математичко размислување.

Професорот Пека Ресанен од Универзитетот во Турку, Финска, додава дека финскиот систем исто така се фокусира на основното знаење, со висок стандард на образование на наставниците, што резултира со посветени и квалитетни наставници.

Како и во другите земји, постојат разлики во знаењето, што ја потврдува „сложеноста“ на математиката, заклучува професорката Ковас.

Извор: Danas.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот