X
 01.12.2018 Наша тема

Спонзори и донатори собраа пари. Учениците-олимпијци денеска летаат за Африка

На Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки Република Македонија ќе учествува вторпат. Лани во Холандија освоивме бронзен медал

Седум спонзори и 120 донатори од цел свет собраа пари за шесте ученици од Македонија да заминат на 15. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки, која од утре до 11 декември ќе се одржи во Габороне, Боцвана. Талентираните ученици заедно со тројцата ментори денеска заминуваат за африканската земја.

Нашите таленти по природни науки

- Неколку дена пред почетокот на 15. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки успеавме да ги собереме потребните средства. Најтопло ви се заблагодаруваме за финансиската поддршка - вели доц. д-р Ламбе Барандовски, менторот по физика.

На Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки Република Македонија ќе учествува вторпат. Лани во Холандија освоивме бронзен медал. Годинава нашата земја ќе ја претставуваат средношколците Мила Ивановска (која лани освои бронза) од „Ј. Б. Тито“ во Битола, Дарко Стојчев од „Добри Даскалов“ во Кавадарци, Димитар Џорлев од „Јане Сандански“ во Струмица, Бисера Јаневска од „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје, Дамјан Јанчевски од приватното училиште „Јахја Кемал“ во Карпош и деветтоодделенецот Мајкл Георгиевски, ученик во „Гоце Делчев“ во Кавадарци. Децата ќе ги придружуваат нивните ментори во физика, хемија и по биологија, доц. д-р Ламбе Барандовски, проф. д-р Марина Стојановска и Елена Рафаиловска.

Учениците се подготвуваа три месеци

Македонскиот тим го помогнаа Агенцијата за млади и спорт, Фондот за иновации и технолошки развој, градоначалниците на Кавадарци и на Прилеп, Митко Јанчев и Борче Митевски, и фирмите „Кожувчанка“, „Вардар Доломит“ и „Витаминка“.
Откако организаторите рекоа дека е неизвесно учеството на нашиот тим на Олимпијадата, Анита Кузмановска-Фелдман, дипломиран инженер по хемија која живее во Соединетите Американски Држави, на социјалните мрежи отвори фонд за донација. Пари издвоија 120 донатори од цел свет, а многу од нив се наши иселеници и сограѓани.



Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки е наменета за ученици од основни училишта, до возраст од 16 години. Нашите ученици веќе неколку месеци ги подготвуваа Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ) и Македонското биолошко друштво (МБД).
Тие ги организираа двата селекциони натпревари на кои беа избрани најдобрите ученици. Тоа се децата што покажале најдобри резултати на државните натпревари по физика, хемија и биологија (а до декември 2018 година нема да наполнат 16 години, поради пропозициите за Олимпијадата).

Учествуваат 50 земји од цел свет

На Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки учениците ќе се натпреваруваат три дена.

За медали ќе се натпреваруваат ученици од 50 земји од светот

Првиот ден ќе решаваат експериментални задачи од физика, биологија и хемија. Вториот ден имаат текст на заокружување, а третиот ден решаваат нумерички проблеми од трите области. На Олимпијадата се очекува да учествуваат ученици од 50 земји од светот.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема