X
 25.12.2021 Наша тема

Со лајк и клик против енормното загадување, „Трибенкс“ со акции за пошумување на Македонија

2021 беше многу лоша година за шумите во Македонија. Околу 12.020 хектари шуми изгореа во пожарите во Берово, Пехчево и во Кочани. Сакавме да помогнеме таму, но теренот сѐ уште не е подготвен за садење. Затоа решивме да го направиме садењето онаму каде што почнавме минатата година, да засадиме 6.000 дрвја во Радовиш

Секој вљубеник во природата со само еден клик на тастатурата може да придонесе во борбата против енормното загадување во Македонија и обновувањето на шумата која во последните години е опустошена, што од пожари што од нелегалната сеча. Оној што мисли дека кликот и лајкот не се доволни, може како волонтер да му се приклучи на авантуристичкиот тим на „Трибенкс“ (Treebanks), кој продолжи со масовните акции за пошумување на македонските голи ридишта по големите пожари што ја зафатија земјава.

На последната акција за пошумување во Радовиш, „Трибенкс“ посади 6.000 дрвца на површина од 3 хектари за само три дена и докажа дека секој што е загрижен за природата може да придонесе во борбата против загадувањето.



- Во Радовиш засадивме 6.000 дрвца на површина од три хектари и ова беше една од нашите најголеми акции досега. Посадивме 1.400 аризонски кипариси, 2.600 багреми и 2.000 бора. Акцијата траеше три дена. Почнавме во петок, кога работеше нашиот тим, додека за викендот имавме доброволци, меѓу кои и градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, и два класа од основното училиште „Никола Карев“, кои засадија 40 килограми желади. Во акцијата се приклучи и модната дизајнерка Ирина Тошева, која лани со нас водеше кампања да засади дрво за секое парче облека купено од нејзината колекција – објасни Михаил Стевчев, млад инженер од Радовиш кој го предводи тимот.

Одличната идеја на тимот почнала да функционира кон крајот на 2018 година. Во 2019 засадиле 1.700 дрвја на неколку локации во Македонија: на Водно, во Охрид, на езерото Младост, на делот што го уништи големиот пожар, и во Радовиш.

- Идејата се роди од неколку различни жили кои изртија во различни периоди. Во последниве неколку години голем број претприемачи пробуваат да најдат решение за глобалното затоплување. На учеството на Софт лендинг во Берлин се запознав со можноста за користење фицијален маркетинг за поддршка на одредена социјална кауза. Оваа нова алатка беше пресудна за создавањето на „Трибенкс“. Со помош на процентот од филијалниот маркетинг од туристички услуги обезбедуваме средства за садење дрво - вели Михаел Стевчев за раѓањето на концептот во кој учествувале и неговиот татко Митко, кој е агроном по професија, и братот Невен, лекар.

Луѓето можат да помогнат на неколку начини. Секоја резервација на booking.com направена преку страницата на „Трибенкс“ овозможува да се засади едно дрво. За оние што сакаат да патуваат, услугата нема да ги чини ништо, но ќе бидат дел од мисијата за намалување на последиците од климатските промени и зазеленувањето на нашата земја.

- Средствата за садење дрвја ги собираме со помош на филијален маркетинг. Имаме партнерство со Вооking.com, Kiwi.com и Agoda.com. За секоја резервација на овие платформи што е почната од нашата веб-страница, „Трибенкс“ добива процент кој го инвестира во садење дрвја. Креативноста во овој модел за добивање средства е што е бесплатен за нашите поддржувачи. Без пари, секој што патува може да придонесе за засадување дрвја во Македонија - додава Михаил.



Досега имаат засадено 12.063 дрвца на повеќе различни локации низ Македонија, a успешноста на акциите им е над 70 %. Во 2022 година планираат да пуштат три нови начини на кои ќе можe да се поддржи нивната мисија, дел за македонскиот пазар, а дел за пазарот надвор од Македонија.

- 2021 беше многу лоша година за шумите во Македонија. Околу 12.020 хектари шуми изгореа во пожарите во Берово, Пехчево и во Кочани. Сакавме да помогнеме таму, но теренот сѐ уште не е подготвен за садење. Затоа решивме да го направиме садењето онаму каде што почнавме минатата година, решивме да засадиме 6.000 дрвја во Радовиш. Следната (2022) година им ја посветуваме на Берово, Пехчево и Кочани, а сите средства што ќе се соберат ќе бидат вложени во садење дрвја таму – објасни Стевчев.

„Трибенкс“ редовно ги проверува пошумените површини и проценува колку се успешни акциите. Локациите за садење се одредуваат во соработка со „Национални шуми“ или со локалните заедници во зависност каде и што ќе се пошумува.



- Можеше да биде малку подобро, но со акцијата во Радовиш сум задоволен. Во Велес имаме над 90% успешност во пошумување на езерото. И акцијата во Охрид во урбана средина има над 60% успешност. Моето искуство досега покажува дека не треба да се прават масовни акции, туку помали за да има поголеми резултати - додаде Стевчев.

Садењето дрвја низ земјава е огромна инвестиција на долг рок, но пошумувачкиот тим „Трибенкс“ има цел да достигне одржливост и годишно да засадува по околу 100.000 дрвја во Македонија.

- Нашата визија е на долг рок да стигнеме до милион засадени дрвја во Македонија. Сакаме да бидеме успешна приказна во Македонија и потоа да го направиме „Трибенкс“ интернационален проект - вели основачот на проектот, Михаил Стевчев.



Фотографии: Приватна архива на Treebanks
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема