X
 30.08.2019 Живот

Ќе се санираат и пошумуваат опoжарените подрачја во Велешко

Јавното претпријатие „Национални шуми“ планира пошумување во Велешко по шумските пожари што летово го зафатија овој регион. Со активностите е планирано да се почне веднаш штом ќе се создадат услови за подготвување на почвата за пошумување, а во меѓувреме ќе се врши чистење на опожарената дрвна маса.

Директорот на „Национални шуми“, Зоран Ѓорѓиев, на денешната прес-конференција информира дека пошумувањето ќе се изведува во согласност со Законот за шуми, односно по добивање согласност од Инспекторат за шумарство.

- Планираме да почнеме веднаш со санирање на таа површина, а пошумувањето ќе го вршиме во есенско-пролетниот период - рече Ѓорѓиев. Ги повика сите градоначалници и локални самоуправи да се вклучат во овој план со цел да се обноват што е можно поголеми површини. За спроведување на овие мерки ЈП „Национални шуми“, како што рече, е во координација со ресорното министерство и ќе изнајдат финансиско решение за оваа вонредна состојба.

Информира дека ЈП „Национални шуми“ секоја година согласно годишната програма за работа планира одгледни мерки, а најголем акцент се става на пошумувањето. Во 2018 година во есенскиот и пролетниот период пошумена е површина од 824 хектари и засадени се 1.700.000 садници. Со годишната програма за 2019 година предвидени се 900 хектари пошумување со околу 2 милиони садници.

- Покрај нашите редовни пошумувања за есенскиот период, согласно новонастанатата состојба со огромниот број пожари, тимот од Јавното претпријатие задолжен за санирање на опожарените површини и нивно пошумување работи на изготвување на брз и координиран план за масовно пошумување и обновување на шумскиот фонд, а со тоа и враќање и ревитализирање на површините кои живот значеа за некои градови, како што е пожарот во околината на езерото Младост - рече Ѓорѓиев.

Тој потсети дека летово, особено во јули имаше повеќе шумски пожари. Сè уште е активен пожарот на територијата на Радовиш, а имаше поголеми пожари и во Охрид, Крива Паланка, Кичево, Скопје и други места каде што, како што рече, главно поради невнимание при палење на стрништа се предизвикуваа пожари.

- Нашите вработени први излегуваат на опожарените места и се обидуваат да ги стават под контрола, а потоа се организираат и другите институции и пожарите се смируваат, но последиците остануваат. Се надеваме дека ваков случај нема да се повтори и јас уште еднаш апелирам: Да ги зачуваме нашите шуми. Овој апел се однесува до сите граѓани што влегуваат во шума, да го прават тоа со големо внимание и почит кон шумата.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот