Сè повеќе основни и средни училишта во Јужна Кореја се затвораат годинава како резултат на намалувањето на бројот на ученици поради нискиот наталитет во земјата. Според податоците од Министерството за образование, доставени до пратеничката Џин Сон-ми од Демократската партија на Кореја, дури 43 од вкупно 49 училишта, или 88 отсто се наоѓаат надвор од главниот град.
Оваа бројка е значително повисока во споредба со бројот на затворени училишта во изминатите пет години. Во 2020 година биле затворени 33 училишта, бројот потоа се намалил на 24 во 2021 година, 25 во 2022 и 22 во 2023, пред повторно да се зголеми на 33 минатата година.
Најпогодени се руралните области - повеќе од 100 основни училишта без нови ученици
Ниту едно од затворените училишта не се наоѓа во Сеул, додека 6 се во провинцијата Гјеонги. Јужна Чола води со најголем број затворени училишта – 10, а веднаш по неа е Јужен Чунгчонг со 9, Северна Чола со 8 и провинцијата Гангвон со 7 училишта. Во Пусан се затворени 2 училишта, а во Тегу едно.
Најголем дел од затворените училишта се основни – 38 од вкупно 49. Покрај нив, 8 се средни стручни училишта, а 3 се гимназии.
Минатата година дури 112 основни училишта во целата земја не запишале ниту еден нов ученик.
Според податоците на Министерството за образование, заклучно со април минатата година, најмногу вакви училишта имало во Северна Чола – 34, потоа во Северен Гјеонгсанг - 17, Јужен Гјеонгсанг - 16, а во Јужна Чола и Јужна Чунгчонг по 12 училишта. Во Гангвон 11 училишта останале без нови ученици.
Очекувањата се дека оваа бројка ќе продолжи да расте и годинава.
Според податоците на локалните власти, оваа година 42 основни училишта во Северен Гјеонгсанг не успеале да запишат нови ученици, додека во Јужна Чола тој број изнесува 32, во Северна Чола 25, во Јужен Гјеонгсанг 26, а во Гангвон 21 училиште.
Извор:
Koreatimes.co.kr
Фото: Freepik