X
 26.03.2019 Живот

Дали би купиле плоча на која е снимена тишина?

На „Кикстартер“ неодамна беше објавена кампања во која се собираат пари за винил-плоча на која е снимена тишина. Не станува збор за шега, туку за плоча наменета за медитација. Идејата доаѓа од Ерик Антоноу и неговиот 15-годишен син Бен, кои заклучиле дека на светот му е потребна тишина.

Нивната кампања, која траеше до средата, ги надмина сите очекувања. Тие сакале да соберат само 600 долари, но собрале речиси десетпати повеќе, 5.954 долари. Идејата ја добиле додека пребарувале плочи во една продавница за плочи во Пао Алто во Калифорнија. Пронашле плоча што се викала „Уметноста на медитацијата“ од 70-тите, со снимена медитација. Проблемот бил што снимениот глас говорел што треба да мислите, а кај медитацијата мислите треба да надоаѓаат сами.

Антоноу на веб-страницата за кампањата пишува дека на медитација го навел комичарот Џери Сајнфилд. Тој го видел јутјуб-видеото на Сајнфилд во кое тој зборува дека медитацијата му помогнала во животот, па решил да истражува. Оттогаш Антоноу медитира секој ден, а има и своја фејсбук-страница на која им кажува на луѓето зошто медитира, за да ги разбие заблудите поврзани со медитацијата.

Оваа плоча е еден од експериментите со кои сака да ја популаризира медитацијата. Идејата започнала во разговор со синот, кога размислувале за тоа дали можат некому да му продадат плоча на која е снимена тишина. Заклучиле дека идејата е генијална, па наредниот ден почнале со нејзината реализација. Снимиле 20-минутна тишина, на двете страни на плочата.

Антоноу тврди дека плочата ќе има различна публика. Едните би ја купиле од шега, а другите за навистина да медитираат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот