X
 26.06.2019 Култура

„Танец“ каков што треба да изгледа!

Во своето 70-годишно постоење „Танец“ доживеал многу подеми и падови, но останува да се гордееме на аплаузите, а да учиме од грешките и критиките, бидејќи „Танец“ нè претставува нас, македонскиот народ и нашето културно наследство по кое некогаш сме биле интернационално познати, вели Филип Петковски, докторанд по изведбени уметности и асистент на Одделот за светска култура, уметност и танц на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес

Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ го одржа својот јубилеен концерт по повод 70-годишното постоење и творење. Понесен од емоции и пријатно изненаден од очигледните промени, како во репертоарот и концептот на изведување така и во продукциска смисла, би сакал да упатам честитки и неколку пофални зборови кон раководството и уметниците во ансамблот.

„Танец“ внимателно го следам во изминатите 15 години и секогаш сум имал многу критичен став. За „Танец“ и пристапите кон аранжирање и кореографирање на традиционална игра пишував во мојата магистерска дисертација, а во меѓувреме објавив и пет академски трудови во кои пишувам за репертоарската политика на ансамблот и неговата поврзаност со национални идеологии и градење на идентитетот.



Иако во многу наврати мислењето за концертната дејност на „Танец“ ми било негативно, особено во последните неколку години, овој пат би сакал да се фокусирам на промените што ги забележав и кои се надевам дека се само почетна точка и ќе го водат ансамблот кон една посветла иднина. Во нашата земја, ретко кога, па можеби и никогаш не се објавуваат критики и рецензии за настапи преку кои се презентира танцово и музичко културно наследство, па се надевам дека овој текст ќе биде поттик за многумина од нас да ги изразат своите критични ставови.

Замислен како концерт во два чина, новитет кој одамна го немаме видено, концертот „Остани во чекор“ стави акцент на кореографски дела кои се реализирани од 2000 до 2019 година. Режијата и концептот на концертот, предложени од новоназначениот шеф на игроорен кор Марјан Андоновски, истакнат играч и етнокореолог, му дадоа свежина и нов изглед на ансамблот кој долго го очекувавме. Продуциран од Moonlight Production, на сцената првпат беше вклучен 3D-mapping, кој му даде модерен и префинет изглед на „Танец“, а воедно и укажа кон тоа дека „Танец“ е подготвен да отстапи од претходните клише-сценографии и да оди во чекор со технологијата.

По 20-минутно доцнење (поради чекање на премиерот Зоран Заев), концертот беше отворен со неколку видеоинсталации и кратко интервју со Атанас Коларовски, еден од првите играчи во ансамблот и еден од најпроминентните кореографи во државава, поздравен со овации и громогласен аплауз, додека за „Танец“ поздравен говор имаа и премиерот и претседателот. На сцената беа прикажани фрагменти од 14 кореографии и 12 вокално/ инструментални изведби кои го прикажаа танцовото и музичкото наследство од брсјачката, јужномакедонската и шопската етнографска целина.


                                                        Признание за Атанас Коларовски, еден од првите играчи и кореографи на „Танец“

Иако концептот на презентирање фрагменти од кореографии не е нов и е веќе постојан пристап на концертирање на ансамблот во последните пет години, тоа беше можеби и единствениот начин преку кој ќе биде презентиран доста обемен материјал.

Андоновски, задолжен за подготовка на играчите и иницијатор за позитивните промени во ансамблот, вели дека концертот го подготвувале цели четири месеци, додека постојаните громогласни аплаузи беа награда за макотрпната работа.
Во „Танец“ воопшто не е лесно да се биде играч, а доказ за тоа беше и вториот блок од репертоарот во кој проследивме неверојатна енергија, проследена со навистина брзо темпо кое ги бодреше играчите кон триумф. Во репертоарот беа вклучени нови и млади играчи кои одлично се снајдоа на сцената, а би сакал посебно да ги истакнам и пофалам: Марина Христова, Весна Стефановска, Весна Митовска, Теодора Ѓоргиева, Сандра Деспотовска, Трајче Петрушев, Сашко Трајковски, Марјан Андоновски и Александар и Андон Андоновски, кои ми оставија најголем впечаток со своите играчки способности и видно се издвојуваа со својата играчка енергија.

Иако во настапите на кореографирана традиционална игра никогаш не се бројат грешките, овој пат, за разлика од претходните концерти, навистина немаше грешки, а играчите беа уиграни и синхронизирани како што одамна не сме ги виделе.
Иако не сум компетентен да ги коментирам музичко/вокалните изведби, во рамките на новитетите и промените кон кои ансамблот се стреми, би сакал да се изненадиме и на тоа поле.



„Танец“ ја заврши вечерта со громогласен аплауз и бис и на сите нам што сме верни набљудувачи на нивната концертна дејност ни вети новитети, како во програмскиот и уметничкиот дел, така и во продукциска смисла, за која сигурен сум дека директор Мартин Вучиќ има значајна улога.
Во своето 70-годишно постоење, „Танец“ доживеал многу подеми и падови, но останува да се гордееме на аплаузите, а да учиме од грешките и критиките, бидејќи „Танец“ нè претставува нас, македонскиот народ и нашето културно наследство за кое некогаш сме биле интернационално познати. Оставајќи го своето минато зад себе, „Танец“ ни докажа дека навистина научил од грешките и храбро чекори кон нова деценија која, искрено се надевам дека ќе донесе многу новитети и повеќе храброст во одлуките да се експериментира помеѓу традицијата и модерноста.
На „Танец“ му велам „браво“ и „честито“ и им посакувам уште многу успех, кој се надевам никогаш повеќе нема да нѐ остави рамнодушни, а ќе нѐ направи горди со своето дело.

Филип Петковски, докторанд по изведбени уметности и асистент на Одделот за светска култура, уметност и танц на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес

Фото: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура